Македонското современо творештво, од 8 до 12 октомври ќе се претстави на најголемиот светски саем на книгата во Франкфурт, манифестација со 65-годишна традиција.
Ове е можност за презентација на македонските автори и за нивен меѓународен пласман. Годинава комесар на националното претставување е Здружението на издавачи и книжари на Македонија. Избрани се 18 автори и издавачи кои ќе се претстават преку интересен концепт, насловен како „Куќа на зборови- куќа на светови“. Дел од имињата кои ќе ја претстават земјава на претстојниот саем се: Митко Маџунков, Никола Маџиров, Венко Андоновски, Влада Урошевиќ, Александар Прокопиев, Луан Старова, Лилјана Дирјан…
„Република Македонија е една од ретките земји во светот која со исклучително внимание ја поддржува издавачката и литературната дејност. Министерството за култура со поддршка на Владата на РМ во изминатиот период реализираше низа на капитални проекти кои го унапредија книжевниот, творечкиот, преведувачкиот и издавачкиот амбиент во нашата држава. Исто така редовно, преку Годишните програми, издвојуваме големи средства за проектите на приватните издавачки куќи и од 2008 година досега се издадени преку 4.000 книги и изданија на македонски јазик и на јазикот на заедниците кои егзистираат во нашата држава, а откупени се над 40 илјади публикации со кои континуирано се збогатува библиотечниот фонд на институциите низ државатаќ“, посочи министерката за култура, Елизабета Канческа Миевска.
Публикациите ќе бидат изложени на специјално дизајниран штанд, а посетителите на саемот ќе имаат можност да се запознаат и со македонското културно наследство. На саемот на книгата во Франкфурт ќе биде афирмиран и конкурсот за превод на дела на македонски автори од страна на издавачките куќи од странство.
Министерката го најави и учеството на 33-тиот саем на книгата во Истанбул (од 8 до 16 ноември), каде што комесар на Македонија ќе биде Сојузот на албанските издавачи кои ќе презентират дела од најпознатите македонски и албански автори.
.