Макеи и Борел договорија одржување на дијалогот меѓу Минск и ЕУ, Варшава и Вилнус повлекуваат 35 дипломати

Белорускиот министер за надворешни работи Владимир Макеи и шефот на дипломатијата на Европската унија, Жозеп Борел, во телефонскиот разговор во петокот договорија да ги задржат каналите за дијалог, соопшти белоруското министерство за надворешни работи, откако претходно Полска и Литванија повлекоа 35 дипломати на должност во Белорусија, по барање на Минск.

Полска и Литванија во петокот повлекоа 35 свои дипломати од Белорусија, во атмосфера на силни дипломатски тензии со оваа земјата која ги обвинува нивните власти дека го поттикнуваат протесното движење по претседателските избори од 9-ти август.

Полска, како и некои други земји од ЕУ, уште претходно го повлече на консултации својот амбасадор од Белорусија. Одлуката за повлекување на другите членови на дипломатскиот персонал е донесена на барање на белоруските власти, објави полското министерство за надворешни работи.

„Ограничувањето на полскиот дипломатски персонал е непријателски чин на кој Полска правовремено и примерно ќе возврати“, изјави за новинската агенција PAP заменикот министер за надворешни работи Марци Пржидач, прецизирајќи дека Варшава повлекува 30 дипломати.

Литванија, исто така, претходно го повлече својот амбасадор од Минск, а во петокот соопшти дека уште пет дипломати, како што бара белоруската страна.

„Литванија се надева дека со ова повлекување ќе ги зачува шансите за дијалог, но ќе преземе реципрочни мерки доколку Белорусија продолжи и во иднина да ја влошува ситуацијата“, предупредила портпаролката на литванскот министерство за надворешни работи Раса Јакилаитиене, пренесува AFP.

Европската унија, која преку ОБСЕ не ги следеше изборите во Белорусија со образложение дека не ја подготвила мисијата поради пандемијата на коронавирусот, по повеќе време премислување објави дека не ја признава изборната победа на претседателот Александр Лукашенко и воведе санкции за белоруски функционери кои ги обвинува за наводна изборна измама и за повреди на човековите права во текот на масовните протести на опозицијата.

„На барање на неговиот европски колега, Макеи, исто така, објасни дека пристапот на белоруската страна да воспостави паритет на бројот на дипломатите на Полска и Литванија во Белорусија во странските мисии на белоруската страна во овие земји се исклучиво реципрочни мерки, во никој случај не се насочени против ЕУ или го ограничуваат дијалогот и се предизвикани со посебно негативната улога што властите на овие земји одлучија да го заземат во однос на Белорусија. Страните се согласија да одржуваат отврени канали за дијалог“, соопшти белоруското министерство за надворешни работи, пренесува агенцијата Белта.

Шефот на белоруската дипломатија, според соопштението, исто така, истакнал дека санкциите се „контрапродуктивен пристап во развојот на односите“ меѓу Белорусија и ЕУ.

„Белоруската страна ја потврди својата принципиелна подготвеноста за рамноправен и дијалог со меѓусебно почитување со ЕУ“, се додава во соопштението.

Министрите за надворешни работи на 27-те земји членки на ЕУ на претстојното заседание закажано за 12-ти октомври треба да објават дека Брисел има намера да ги прошири санкциите против белоруските власти „поради фалсификување на изборните резултати и кршењето на човековите права во земјата“. Покрај тоа, во ЕУ размислуваат и воведување рестрикции насочени кон белорускиот челник Лукашенко, соопштил во петокот за новинарите во Брисел неимениван висок претставник на ЕУ.

Претходно во петокот во Службениот весник на Европската унија објави имиња на 44 функционери од белоруските власти кои се ставени на „црна листа“, меѓу кои се и министерот за внатрешни работи Јуриј Караев и претседателката на државната изборна комисија, Лидија Ермошина.