![zaev](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2014/01/zaev.jpg?resize=540%2C300&ssl=1)
Вториот човек на СДСМ, Шекеринска, но и актуелниот генерален секретар на партијата Спасовски ќе се најдат на новите пратенички листи. Во истата група се и Ивановски и Диневски, а нивните колеги Петров и Савова, кои важеа за блиски до Црвенковски, нема да ја добијат довербата на Заев, пишува „Дневник“.
Актуелната заменичка на Зоран Заев, Радмила Шекеринска и генералниот секретар на СДСМ Оливер Спасовски сигурно е дека ќе добијат нова шанса за останување во пратеничките клупи по се’ поизвесните предвремени парламентарни избори напролет. Двајцата блиски соработници на Заев поради довербата која тој ја има во нив како актуелно раководство се очекува да се најдат на пратеничките листи на СДСМ на следниот изборен циклус. Заедно со нив, нов мандат, како што дознаваме од висок партиски извор, веројатно ќе добијат само блиските соработници на партискиот лидер, односно оние што без приговори ја спроведуваат политиката на СДСМ. Во оваа група за нова шанса од Заев се споменуваат и координаторот на пратеничката група Игор Ивановски, актуелниот прв човек на Kомисијата за финансирање и буџет Маријанчо Николов, како и Менде Диневски, кој беше кандидат на СДСМ за градоначалник на Битола на последните локални избори. Сите членови на партијата, како што вели изворот од СДСМ, важат за блиски до Заев и токму поради тоа, претседателот на партијата ќе одлучи да ги задржи и на новите листи.
Од СДСМ брифираат дека во оваа група која би требало да го помине партискиот филтер може да се најде и пратеничката Цветанка Иванова.
Извор од СДСМ за весникот неодамна неофицијално потврди дека се очекува на следните парламентарни избори партијата да добие сосема нов пратенички состав. Ниту еден пратеник кој важи за близок до поранешното раководство на социјалдемократите, односно до екслидерот Бранко Црвенковски, како што се коментира на „Бихаќка“, нема да добие нов мандат во парламентот. Со тоа, листите во сите изборни единици ќе добијат сосема нов изглед.
„Целта е да се добие послушна пратеничка група. Со тоа се остава впечаток дека квалитетот како пратеник тука и не врши голема улога“, изјави неодамна соговорник од СДСМ за „Дневник“.
Јани Макрадули, кого Црвенковски го кандидира за прв човек на Скопје на минатите локални избори, некогашниот портпарол на „Бихаќка“ Емилијан Станковиќ и блиската екссоработничка на поранешниот претседател на СДСМ Наташа Савова се имињата што засега се споменуваат како пратеници на кои Заев нема намера да им ја даде довербата за нов мандат. Весна Бендевска која константно е член на високите партиски тела, но и некогашниот генерален секретар на СДСМ Андреј Петров се исто така во групата пратеници за кои во СДСМ се зборува дека „влечат на друга страна“ од актуелните политики. И Тања Томиќ, која своевремено беше советник во кабинетот на Црвенковски додека ја извршуваше функцијата шеф на државата, според нашиот извор, исто така е надвор од игра за нов мандат.
Неизвесно е дали некогашниот потпретседател додека Црвенковски раководеше со СДСМ Гордан Георгиев, кој во последно време е дистанциран од случувањата на „Бихаќка“ ќе остане на функцијата пратеник. Во Собранието се зборува дека Георгиев, исто како и останатите кои важат за блиски до Црвенковски, нема да добие покана да се најде на новите пратенички листи. Од друга страна, пак, негови колеги кои инсистираат на анонимност сметаат дека тој ќе ја одбие евентуалната понуда да остане во пратеничките клупи и наредните четири години.
„Се’ уште чекаме да видиме што ќе одлучи раководството“, вели соговорникот од СДСМ за весникот.
Неодговорно е, велат партиски избори, во вакви моменти, кои се од клучно значење за партијата, лидерот на СДСМ две недели да си дозволи зимски распуст, односно да оди на скијање, додека неговата заменичка е во Брисел каде што треба да биде назначена за член на претседателството на ПЕС. Kако што велат нашите извори, дел од пратениците се засегнати со евентуалните промени, но дел, пак, истакнуваат дека очекувале дека новото раководство наскоро ќе донесе ваква одлука, особено по с` поизвесното одржување на предвремени парламентарни избори заедно со претседателските. Дилемата за елиминација во Собранието се отвори по нетрпеливоста која во изминатиот период с` почесто се јавува меѓу пратеничката група на СДСМ и новото партиско раководство.
Пратеничката група на Социјалдемократскиот сојуз месец и половина не се координирала со нивниот лидер. Последната средба, односно координација меѓу двете страни се одржа на деветти декември. Kон крајот на месецот, пак, следуваше заедничка прес-конференција по повод настаните од 24 декември, односно поради „црниот понеделник“. Заев и неговите пратеници неформално се дружеа последен пат на коктелот на партијата на 28 декември по повод новогодишните празници.