Макрон ја објави кандидатурата за втор претседателски мандат

Актуелниот француски претседател Емануел Макрон објави официјално во четвртокот дека на претседателските избори во април ќе се бори за уште еден мандат за водење на втората најголема според обемот економија во еврозоната во постпандемискиот период и безбедносната криза во врска со војната во Украина.

Кандидатурата Макрон ја објави во писмо коешто го објавија неколку регионални весници. Доколку победи на априлските избори, ќе биде првиот француски претседател последните две децени кои успеал да избори втор мандат.

„Не постигнавме сѐ што зацртавме. Постојат работи коишто, со искуството што го стекнав со вас, веројатно би ги направил поинаку“, напиша Макрон.

Кандидатурата ја објави на помалку од два месеца од одржување на првиот изборен круг закажан за 10-ти април. Анкетите укажуваат дека е фаворит во трката со мноштвото противкандидати од десницата и левицата.

Поддршката за актуелниот француски претседател Емануел Макрон е на највисокото ниво на помалку од два месеца пред првиот круг од претседателските избори, благодарејќи најмногу на неговата посредничка улога во украинската криза, покажуваат резултатите од испитувањето на јавното мнение објавени во понеделникот.

Поддршката за Макрон пораснала за 2 отсто во однос на минатото истражување според институтот IFOP направено за дневниот весник Paris Match која беше објавена во понеделникот. Така сега има 28 отсто поддршка, најмногу откако се спроведуваат анкетите, а растот на поддршката доаѓа многу блиску од одржувањето на првиот круг на претседателските избори закажан за 10-ти април.

Втора во анкетата е челничката на десната партија Национален собир, Марин Лепен позната по блиските односи со рускиот претседател Владимир Путин, чија поддршка се намалила за 0,5-процентни поени и сега е на 16 отсто, додека трет е крајно десниот телевизиски новинар и колумнист Ерик Земур кој паднал на 14 отсто поддршка. Поддршката за конзервативката од партијата Републиканци, Валери Пекрес, паднала за 1 отсто, на 13 отсто.

Макрон се промовираше како предводник на напорите на Европската унија да се избегне војната во Украина. Во феврури во Москва имаше речиси шестчасовни разговори со Путин и изминатите денови, вклучителни и во понеделникот минуваше часови во телефонски разговори со рускиот и другите светски челници.

Во четвртокот повторно час иполовина разговараше со Путин и рече дека нема да се откаже од мировните напори.

„Не сме во војна со Русија. Решив да останам во контакт со претседателот Путин и неуморно ќе продолжам да правам сѐ што е неопходно да го уверам да се откаже од оружената сила“, рече Макрон.

Руската воена интервенција или инвазија во Украина, отиде на штета на неговите десничарски противкандидати и ги принуди Лепен и Земур, кои беа прокажани како русофили и се декларирани суверенисти, да ја правдаат својата претходна поддршка за Путин.