Франција во следните неколку децении ќе изгради најмалку шест нуклеарни реактори, објави во четвртокот францускиот претседател Емануел Макрон, поставувајќи ја нуклеарната енергија во центарот на настојувањето на неговата земја до 2050 година да постигне јаглеродна неутралност.
Макрон изјави дека новите реактори ќе ги гради и со нив ќе управува компанијата EDF, за што ќе бидат издвоени десетици милијарди евра. Ветувајќи и зголемувања и на сончевите и морски ветроцентрали, Макрон рече дека сака да го продолжи животниот век на сегашните нуклеарни од 40 на 50 години.
„Ние Французите сме среќни што можеме да сметаме на силна нуклеарна индустрија, знаење и стотици илјади работни места“, изјави Макрон изнесувајќи ја новата нуклеарна стратегија во индустрискиот град Белфотр на истокот на Франција.
Изјавата на претседателот доаѓа во време на финансиската криза на државната EDF која се соочува со проблемот на корозија поради што некои реактори се затворени и со тешкотиите да ги убеди странските купувачи дека на време и во зададените рокови ќе ги реализира договорените проекти.
Најновите изјави на Макрон дефинитивно ги потврдија неговите заложби за нуклеарната енергија, којашто е двигател на францускиот индустриски раст по Втората светска војна. Според него, првите EPR реактори од новото поколение би требало да бидат ставени во функција во 2035 година.
Ставот на Макрон се совпаѓа со амбициозните цели на Европската унија во следните 30 години да стане јаглеродно неутрална, со фокус на енергијата, вклучивајќи ја нуклеарната енергија која емитува или нула гасови кои го предизвикуваат ефектот на стаклена градина во однос на фисилните горива.