Макрон: Да престане систематски да се одложува решението со две држави Израел и Палестина

Францускиот претседател Емануел Макрон во средата изјави дека треба да се стави крај на „систематското одложување“ во спроведувањето на решението со две држави за Израел и Палестина.

„Макрон ја потврди посветеноста на Франција да работи, со своите европски и арапски партнери, на заедничка визија за мир што нуди гаранции за безбедност на Палестинците и Израелците“, се вели во соопштението на Елисејскиот дворец по телефонскиот разговор меѓу францускиот претседател и неговиот палестински колега, Махмуд Абас.

Овој процес треба да ја вклучи „перспективата за признавање на палестинска држава со практична структура“, се додава во соопштението.

Макрон ја истакнал потребата од реформирање и зајакнување на Палестинската самоуправа, на чие чело е Абас и управува со енклавата Западниот брег (на реката Јордан), за да може да ги извршува своите одговорности на палестинските територии, вклучувајќи го и Појасот Газа, за доброто на палестинскиот народ“, пренесува француската новинска агенција AFP.

Францускиот челник повторно го осудил неодамнешниот израелски напад во Рафах во кој, според локалните власти, загинаа најмалку 45 лица.

Разговорот меѓу францускиот и палестинскиот претседател дојде откако Норвешка, Шпанија и Ирска официјално ја признаа Палестина во вторникот. Во вторникот Макрон, исто така, изрази наклонетост за француското признавање на Палестина, но додаде дека тоа треба да се случи во „вистинско време“.