![Makron intervju](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2024/03/Makron-intervju.jpg?resize=696%2C435&ssl=1)
Францускиот претседател Емануел Макрон во интервјуто за телевизиските канали TF 1 и France 2 емитувано во четвртокот вечерта изјави дека неговата земја е подготвена да одговори на можна ескалација од страна на Русија и „да донесе одлуки кои ќе гарантираат дека таа нема да победи“.
Макрон предизвика контроверзии минатиот месец, откако рече дека не може да ја исклучи можноста за испраќање војници на земјите од НАТО во Украина во иднина, што поттикна многу челници на сојузничките земји вклучително и САД да се дистанцираат, додека други, особено балтичките, да му ја изразат својата поддршка.
„Денес за нас настапи времето да се спротиставиме. Сега е вистинското време да кажеме дека доколку Русија продолжи со ескалацијата, доколку ситуацијата се влоши, ние мораме да бидеме подготвени и ќе бидеме подготвени да донесеме одлуки коишто гарантираат дека Русија никогаш нема да победи… Ќе сториме сѐ за да ја оствариме нашата цел“, рече францускиот претседател.
Притоа Макрон истакна дека „Франција не води војна против Русија и рускиот народ“, туку ја поддржува и ѝ помага на Украина да се одбрани од агресијата.
„Режимот во Кремљ е противник“, рече Макрон, одбивајќи да ја нарече Русија непријател. Тој, исто така, рече дека нуклеарните закани на Путин „не се соодветни“.
Нагласи дека Франција како нуклеарна сила не треба да учествува во ескалацијата.
„Нашиот нуклеарен арсенал првенствено ја гарантира безбедноста на Французите. Меѓутоа, исто така, ни наложува одговорност никогаш да не прибегнуваме ниту кон вербална, ниту кон воена ескалација“, додаде Макрон.
„Нема да има долгорочен мир доколку нема украински суверенитет и враќање во меѓународно признатите граници. Украинците ќе мора да ги одредат неговите (на мирот) услови. А мирот не значи капитулација на Украина“, додаде Макрон.
Макрон во продолжение рече и дека Европа мора да се подготви за војна доколку сака мир, нарекувајќи го рускиот претседател Владимир Путин противник кој нема да застане во Украина доколку Русија излезе како победник во нејзината двегодишна војна со Киев.
„Доколку Русија победи во оваа војна, кредибилитетот на Европа ќе падне на нула“, рече Макрон во телевизиско интервју наменето главно за домашната публика, откако француската опозиција ги критикуваше неговите коментари како воин.
„Ако војната се прошири во Европа, Русија ќе биде виновникот. Но, ако одлучиме да бидеме слаби, ако одлучиме денес да не одговориме, тоа е како веќе да избираме пораз. А јас не го сакам тоа“, рече Макрон.
Макрон рече дека Украина е во „тешка“ ситуација на теренот и дека е потребна посилна поддршка од сојузниците.
„Мирот не значи капитулација на Украина. Да се сака мир не значи пораз. Да се сака мир не значи да се откажеме од Украина“, повтори францускиот претседател.
„Нашата безбедност е загрозена во Украина“, тврди францускиот претседател.
Рече дека Франција никогаш нема да иницира напад врз Русија и дека Париз не е во војна со Москва и покрај фактот што Русија започнала агресивни напади против француските интереси во и надвор од Франција. Макрон очигледно алудираше на губењето на влијанието на Франција во нејзините поранешни северноафрикански колонии од каде беше принудена да ги повлече своите војници, чие место го заземаа руските, а Москва го прошири своето политичко влијание.
Макрон, исто така, рече дека не ја откажал планираната посета на Украина од безбедносни причини. „Тоа го кажа Русија. Не треба да им верувате“, тврди Макрон.