Францускиот претседател Емануел Макрон изјави во понеделникот доцна вечерта дека постои консензус меѓу европските држави дека треба да бидат подготвени за евентуален руски напад врз нив во наредните години и дека се потребни повеќе напори за финансиска и воена помош на Украина.
Дваесетина европски челници се собраа во понеделникот вечерта во Париз за да му испратат на рускиот претседател Владимир Путин порака за европска решителност во однос на војната во Украина и да се спротистават на наративот на Кремљ дека Русија сигурно ќе победи во војната која влезе во третата година.
„Забележав дека повеќе или помалку сите земји претставени на оваа маса рекоа… дека заедничкиот консензус е дека треба да бидеме подготвени за неколку години Русија да нападне една од овие земји. Сите се согласуваме дека не сакаме да влеземе во војна со рускиот народ, но решени сме да ја држиме ескалацијата под контрола“, рече Макрон додавајќи дека целта на состанокот била да се види како „да се стори повеќе воена смисла и во смисла на буџетската поддршка“ за Украина.
Макрон ги покани своите европски колеги во Елисејскиот дворец на состанок за да разговараат за тоа како да се зголеми снабдувањето со муниција на Украина во услови на, како што велат неговите советници, ескалација на руската агресија во неколкуте последни седмици.
„Имаше големо чувство на итност“, изјави холандскиот премиер Марк Руте за новинарите по состанокот. Додаде дека челниците стојат зад чешката иницијатива за купување муниција ширум светот за испраќање во Украина. Чешкиот премиер Петр Фиала рече дека околу 15 земји потпишале иницијатива за купување стотици илјади парчињамуниција од трети земји, нешто на што Франција првично беше претпазлива бидејќи сака да му даде приоритет на развојот на сопствената европска индустрија, но француски функционери рекоа дека го разгледуваат за овој предлогот.
Залихите на муниција станаа критично прашање за Киев. Европската унија, сепак, не ја исполнува својата цел да испрати еден милион гранати во Украина до март.
„Сакаме да му испратиме многу јасна порака на Путин, дека нема да победи во Украина. Нашата цел е да ја урнеме идејата дека тој сака да веруваме дека некако ќе победи“, изјавил пред новинарите неименуван советник на францускиот претседател пред средбата.
По првичните успеси во потиснувањето на руската армија уште во пролетта 2022 година, Украина претрпе неуспеси на источните боишта и пропадна нејзината долгонајавувана и подготвувана голема протиофанзива започната на почетокот од јуни 2023 година, при што нејзините генерали се жалеа на недостиг од вооружувње, муниција но и војници.
Обраќајќи им се на европските челници преку видео врска, украинскиот претседател Володимир Зеленски го поддржа предупредувањето на Макрон за ескалација на конфликтот: „Мораме да се погрижиме Путин да не успее да ги уништи нашите достигнувања и дека не може да ја прошири својата агресија на други земји“.
Меѓу присутните беа и германскиот канцелар Олаф Шолц, британскиот министер за надворешни работи Дејвид Камерон, како и челниците на Шпанија, Португалија, Полска и скандинавските и балтичките земји. САД ги претставуваше помошникот државен секретар за европски и евроазиски прашања Џим О’Брајан.