Макрон го именуваше Мишел Барние за француски премиер

Францускиот претседател Емануел Макрон во четвртокот го именуваше Мишел Барние, поранешен преговарач за Брегзит на Европската унија, за премиер и му даде задача да формира нова влада со надеж дека ќе стави крај на политичкиот ќор-сокак по предвремените избори кои го оставија парламентот без јасно мнозинство.

Барние се соочува со големиот предизвик да воведе реформи и да го усвои буџетот за 2025 година во парламентот без јасно мнозинство, во време кога Франција е под притисок на Европската комисија и пазарот на обврзници да го намали својот дефицит.

Ризичната одлука на Макрон да распише предвремени избори во јуни имаше контраефект, а неговата центристичка коалиција загуби десетици места, при што ниту една партија не освои апсолутно мнозинство.

Левичарскиот Нов народен фронт освои најмногу места, но Макрон ја отфрли можноста да им го довери мандатот за формирање влада, откако другите партии најавија дека веднаш ќе гласаат против.