Францускиот претседател Емануел Макрон и неговиот нов премиер Габриел Атал во средата почнаа да формираат нова влада, ден откако Макрон го назначи 34-годишен поранешен владин портпарол и министер за образование на функцијата како би го освежил својот втор мандат во годината на многу важните ибори за Европскиот парламент.
Атал вети дека ќе биде брз и ефективен во помагањето на средната класа да се справи со зголемените трошоци за живот, што е сигнал дека Макрон се обидува да ја надмине непопуларноста стекната со контроверзните реформи и да ги подобри перспективите на неговата центристичка партија на европските избори во јуни.
Малку се знае за составот на новата влада, но министерот за внатрешни работи Жерал Дарманен рече дека е сигурен оти ќе остане на својата функција. Тој, меѓу друготом е задолжен и за безбедноста на Олимписките игри кои летово се одржуваат во Париз.
Најверојатно во владата ќе остане и министерот за финансии Бруно Ле Мер, кој на таа функција е седум години, што е реткост во француската политика. Тој во понеделникот во говорот го објави планот на министерството за целата година.
Промените во владата најверојатно ќе ја интензивираат трката во таборот на Макрон за позицијата кандидат на следните претседателски избори во 2027 година. Поранешниот премиер Едуар Филип, министрите Дарманен, Ле Мер и сега премиерот Атал се сметаат за потенцијални кандидати.
Не е ниту познато кога ќе биде формирана новата влада, но претседателот на Сенатот, Жерар Ларшер откри за телевизијата TF1 дека Атал му рекол дека тоа може да се случи до крајот на седмицата.
Широкото незадоволство од зголемените трошоци за живот и минатогодишната пензиска реформа значително влијаеше на популарноста на Макрон и на шансите на неговата партија на европските избори. Таа заостанува меѓу осум и десет процентни поени зад десничарската партија на Марин Ле Пен.
Атал, најмладиот премиер во француската историја, се покажа како еден од најпопуларните француски политичари во последните месеци. Како верен на Макрон, тој стана нашироко познат како портпарол на владата за време на пандемијата на ковид-19.