Францускиот претседател Емануел Макрон ги започна во четвртокот во Пекинг низата состаноци во текот на заедничката посета со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, чијашто цел е зацртување на насоката на идните односи на Европската унија со Кина како една од двете најголеми според обемот светски економии, по повеќегодишните затегнати односи.
Новоименуваниот кинески премиер Ли Чијанг го поздрави Макрон во Големата сала на народот којашто вообичаено се користи за свечени настани, пред средбата со претседателот Кси Џинпинг подоцна во четвртокот.
Веднаш по доаѓањето во Пекинг во средата, Макрон изјави дека Европската унија „не смее да се одвојува“ од Кина на економски план, како и дека не смее да ги ослаби дипломатските врски со Пекинг. Западот остро ги залади односите со Кина поради чувствителната технологија, прашањето на Тајван а од минатата година и поради тоа што Пекинг не ја осудува Русија за нејзината инвазија во Украина, туку напротив ја интензивира соработката со Москва.
Фон дер Лејен, којашто е во првата посета на Пекинг откако го презема водството на ЕК во 2019 година, пред доаѓањето ја критикуваше Кина дека „станува сѐ порепресивна дома и сѐ поагресивна во странство“, како и дека „заменувајќи ја ерата на реформите и отворањето со ерата на безбедност и контрола, кога компаниите во Кина се принудени да помагаат во државните операции за собирање разузнавачки податоци“.
Во текот на нејзиниот мандат, односите меѓу ЕУ и Кина значително заладија, главно поради возвратните санкции од двете страни со коишто во 2021 година беше замрзнат инвестицискиот договор, и подоцна зошто Пекинг одбива да ја осуди Москва за војната во Украина.
Пекинг преку објавите во службените државни гласила порача пред посетата дека би сакал да види дека ЕУ не ги следи слепо обидите на САД да го задушат растот на Кина и поради тоа кинеската страна има големи очекувања од посетата на двајцата европски челници.
„Од посетата на Макрон се очекува да даде конкретни резултати во врска со напредокот во економската и трговска соработка меѓу Кина и Франција, како и од јакнењето на двостраната политичка доверба“, пиша во воведниот кинескиот дневен весник на англиски јазик Global Times.
Весникот, исто така, наведува дека „треба да се забележи дека разноразни сили во Европа и во САД внимателно ја следат посетата на Макрон и вршат притисок во повеќе правци“. „Со други зборови, не сакаат сите посетата на Макрон на Кина да мине мазно и успешно“, се истакнува во воведникот на Global Times.
По разговорот со Макрон, кинескиот премиер на работен ручек ќе биде домаќин на фон дер Лејен. Доцна попладнето францускиот претседател и шефицата на ЕК засебно ќе разговараат со кинескиот претседател, а за вечерта се предвидени трилатерални разговори.
И Макрон и фон дер Лејен изјавија дека сакаат да ја убедат Кина да го искористи своето влијание врз Москва за да се постине мира во Украина или барем да го одвратат Пекинг од директно пружање воена поддршка за Русија во тој судир.
Претходно оваа година, Кина предложи мировен план од 12 точки за украинската криза, повикувајќи ги двете страни да се согласат на постепена деескалација што ќе доведе до сеопфатен прекин на огнот. Меѓутоа колективниот Запад (САД и ЕУ) го отфрлија планот наводно поради одбивањето на Кина да ја осуди Русија, а САД и НАТО тогаш рекоа дека Кина размислува да испрати оружје во Русија, тврдењата што Пекинг ги негираше.
Некои аналитичари веруваат дека европската двојка во Кина ќе ја игра играта на „добар и лош полицаец“. Макрон би требало да ги поттикнува на нов почеток во односите меѓу Кина и ЕУ, додека Фон дер Лејен ќе биде задолжена за „жешките“ теми, како што е трговијата. Таа потврди дека Кина е еден од клучните трговски партнери, но дека компаниите од ЕУ наидуваат на „бројни дискриминаторски пречки“.
„Односите меѓу двете страни се опсежни и сложени. Од тоа како ќе управуваме со нив ќе влијае на просперитетот и безбедноста на ЕУ. Во Пекинг сум за да разговара за тие односи и нивната иднина“, објави фон дер Лејен на Twitter.
Педесетчлена делегација пристигна во Кина со Макрон, вклучително и претставници на компании како „Airbus“, која преговара за голема нарачка на авиони, „Alstom“ и нуклеарниот државен оператор EDF. Се очекува да бидат потпишани повеќе договори. Сепак, не сите мислат дека ова е добар знак, особено во време кога дебатата во ЕУ е фокусирана на „самоубиствената зависност“ од Кина.