Макрон и Шолц бараат од Путин преговори со Зеленски и ослободување на 2.500 борци од „Азовстал“

Францускиот претседател Емануел Макрон и германскиот канцелар Олаф Шолц во саботата во телефонскиот разговор со рускиот претседател Владимир Путин го повикале на „сериозни и директни преговори“ со украинскиот претседател Владимир Зеленски и побарале да ослободи 2.500 заробени украински борци од челичарницата „Азовстал“ крај Мариупол.

Во 80-минутниот разговор со рускиот претседател двајцата западни челници „инсистираа на моментален прекин на огнот и повлекување на руските трупи“, стои во соопштението на германскиот канцелар.

Макрон и Шолц го „повикаа рускиот претседател на сериозни и директни преговори со украинскиот претседател и на дипломатско решение на судирот“, и побараа „ослободување на 2.500 украински бранители од челичарницата Азовстал“ заробени од проруските и руските сили во Мариопол, соопшти Елисејскиот дворец. Од Кремљ претходо во саботата објавија дека Путин на соговорниците им рекол дека Русија е подготвена за продолжување на преговорите со Украина прекинати на крајот од март, главно под влијание на Лондон и Вашингтон.

„Особено внимание му беше посветено на статусот на преговорите, кои се замрзнати поради Киев. Претседателот Владимир Путин ја потврди отвореноста на руската страна на продолжување на дијалогот“, се истакнува, пак, во соопштението на Кремљ.

Москва не го коментираше барањето за ослободување на укрианските борци, но претходно навести дека може да бидат ослободени или разменети војниците од редовниот состав на украинската војска, но дека повеќе од нив ги смета за припадници на паравоени формации на националистичките движења и за странски платеници.

Путин на двајцата западни челници, според Париз и Берлин им рекол дека „со заработените борци се постапува во согласност со меѓународното хуманитарно право, особено со Женевската конвенција, како и дека на претставниците на Меѓународниот комитет на Црвениот крст им овозможува непречен пристап“.

Меѓутоа, во соопштението Кремљ апострофира дека „Путин зборуваше за опасниот карактер од континуираното трупање западно оружје во Украина и предупреди на поврзаните со тоа зголемени ризици од дестабилизација на ситуацијата…“.

Целта на трилатералниот разговор одржан по иницијатива на Макрон и Шолц била да се влијае на тоа војната во Украина да биде запрена. Францускиот претседател и германскиот канцелар „го повикаа да гарантира подобра хуманитарна ситуација кога станува збор за цивилното население“.

Тројцата челници разговарале и за глобалниот проблем со испорака на прехранбените намирници, кој е особено во фокусот поради војната во Украина.

„Претседателот на Путин на Макрон и Шолц им кажа дека е подготвен да овозможи продолжување на испораката на житарки од црноморските пристаништа“, објавија од кабинетот на германскиот канцелар.

Путин ветил и дека „Русија нема да го искористи отстранувањето на минскиот појас поставен поради заштитата на украинските пристаништа што ќе го овозможи извозот на житарки со бродови, за да изведе воени напади“, додава кабинетот на Шолц со забелешка дека тројцата челници се согласиле дека „централната улога“ во гарантирањето на безбедноста на транспортот на житарките треба да ја играат Обединетите нации.