Европа е сведок на растот на „исламистичкиот тероризам“ кој им се заканува на сите земји, изјави во вторник францускиот претседател Емануел Макрон во текот на неговата посета на Албанија, по убиствата од исламисти на наставник во Франција минатата седмица и двајца Швеѓани во Брисел во понделникот вечерта.
Макрон ги даде коментарите еден ден откако 45-годишен вооружен напаѓач, кој тврдел дека е член на Исламската држава, уби двајца Швеѓани кои пристигнале на фудбалски натпревар на нивната репрезентација во белгискиот главен град.
Францускиот обвинител за борба против тероризмот во вторникот во Париз објави дека 20-годишникот кој на 13-ти октомври усмрти наставник и повреди три други лица во гиманзија во северниот град Арас, исто така, бил лојален на Исламската држава.
„Вчера повторно го видовме тоа во Брисел. Сите европски земји се ранливи и исламистичкиот тероризам оживеа. Овде уште еднаш ја изразуваме нашата солидарност со нашите белгиски пријатели“, рече Макрон по средбата со албанскиот премиер Еди Рама во Тирана.
Најави дека во наредните денови ќе го посети Израел, кој е во војна со радикалното исламистичко палестинско движење Хамас, а изведвуа одмазнички напади врз енклавата Појасот Газа со воздушни удари.
„Мојата желба е да патувам таму кога ќе можеме да постигнеме конкретен договор или за деескалација, или за хуманитарни прашања, или пошироко, за сè. Израелската безбедност, борбата против сите терористички групи, како и мировниот процес и политичкото решение се меѓусебно поврзани. Тоа е агенда што треба повторно да ја откриеме“, заклучи Макрон.