Заканата од американско-руски судир поради можна воена акција на Западот во Сирија виси над Блискиот исток, но засега нема јасни сигнали дека нападот предводен од САД ќе се случи.
Додека првиот тим на меѓународни експерти за хемиско оружје од Организацијата за забрана за хемиско оружје (OPCW), по инсистирањата на Русија и Сирија втор ден сѐ уште патува кон сириска Дима каде што наводно минатата седмица бил извршен хемиски напад, францускиот претседател Емануел Макрон телефонски разговарал со Рускиот претседател и му изразил загриженост од влошувањето на ситуацијата.
Пред два дена американскиот претседател Доналд Трамоп предупреди дека како одговор на непотврдениот напад во Дума, САД ќе извршат ракетен напад. Русија, којашто е сојузник на владата на сирискиот претседател Башар ал-Асад и има бази во Сирија, тврди дека нема докази за нападот во Дума, и ги предупреди САД и нивните сојузници дека ќе соборува проектили и авиони кои ќе извршат напад врз Сирија.
Во четвртокот Трамп малку ретерираше во заканите, а во петокот не се огласи во врска со ситуацијата околу Сирија.
Меѓутоа, францускиот претседател Емануел Макрон, кој тврди дека Франција има докази дека владините сили во Дума употребиле наводно хлор, а кому во петокот индиректно му одговори шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров дека руските воен доктори и експерти кои уште во понеделникот влегле во Дума ниту кај пациентите ниту на теренот нашле траги од отровни супстанции и дека Москва поседува докази за „вмешаност во фабрикувањето на нападот на тајна служба на една држава“, телефонски разговарал со рускиот колега Владимир Путин.
Според Елисејската палата, Макрон изразил загриженост и жалење затоа што Русија вложи вето во Советот за безбедност врз американската резолуција за Сирија во врска со наводниот напад. Истиот ден не беше изгласана ниту руската резолуција за истиот инцидент. Меѓутоа, истовремено францускиот челник повикал помирувачки на дијалог со Русија за да се постигне мир и стабилност во Сирија.
Кремљ, пак, во многу кусото известување за разговорот меѓу двајцата претседатели, истакна дека Путин и Макрон разговарале за „конкретни можности за соработка меѓу двете земји за укажување помош на мисијата на Организацијата за забрана на хемиското оружје (OPCW) во нивните активности во Дума“.
„Двете страни изразија задоволство од поканата на сириската влада за експертите на OPCW. Беа дискутирани конкретни можности за соработка меѓу Русија и Франција за укажување помош на мисијата во нејзината работа“, беше соопштено.
Засега лично во врска со кризата не се огласи Путин, но Лавров рече дека Москва е во контакт со Вашингтон и разговара за севкупната атмосфера којашто е „алармантна“.
„Да не даде Господ некој да се одлучи на авантура во Сирија, имајќи го предвид искуството со Либија и Ирак. Дури и најмал ненамерен инцидент би предизвикал нов мигрантски бран кон Европа, како и други последици, коишто не ѝ се потребни на Русија, ниту на нејзините европски соседи“, рече Лавров.
Рускиот амбасадор во Обединетите нации, Василиј Небензиа, меѓу другото, рече дека „прв приоритет е да се отстрани заканата од војна“.