Франција има намера да ја зајакне својата способност за нуклеарно одвраќање објави во петокот францускиот претседател Емануел Макрон ветувајќи притоа дека воениот буџет на земјата ќе се зголемува на 400 милијарди долари во периодот од 2024 до 2030 година, во однос на сѐ уште важечкиот воен буџет од 295 милијарди евра за периодот од 2019 до 2025 година.
„Сегашниот буџет требаше да го започне градењето на воените капацитети по хроничното недоволно вложување во претходните децении“, рече Макрон.
Новиот буџет за периодот од 2024 до 2030 година го опиша како „трансформација“ за прилагодување на војската за можни судири од висок интензитет, што станало приоритет по руската инвазија врз Украина.
„Франција има и ќе има подготвени војски за предизвиците во векот“, изјави францускиот претседател во традиционалното новогодишно обраќање на армијата во воздухопловната база Мон-де-Марсан на југозападот на Франција.
Макрон истакна дека Франција „мора да биде подготвена за новата ера“, со таложењето на „старите и новите закани“, така што ќе биде „меѓу софистицираност и бруталната едноставност“.
Истовремено Макрон зборуваше и за јакнењето на францускиот стратешки нуклеарен арсенал како средство за одвраќање.
„Неопходно е да го зајакнеме нашето нуклеарно одвраќање, да ги преземеме сите мерки за да ја осигуриме неговата моќ, сигурност и модернизација, земајќи ги предвид специфичните услови во светот. Ова е елемент што ја става Франција во позиција поразлична од другите земји во Европа“, рече Макрон
Во обраќањето коешто беше емитувано директно на профилот на Twitter на Елисејскиот дворец, Макрон истакна дека нуклеарното одвраќање е од „витално значење“ имајќи ја предвид руската војна во Украина.