Макрон: Нашата Европа би можела да умре, не смее да биде вазал на САД

Францускиот претседател Емануел Макрон повика во четвртокот на посилна и поинтегрирана европска одбрана и рече дека континентот не смее да стане вазал на Соединетите држава, изнесувајќи ја својата визија за порешителна Европска унија на глобалната политичка сцена.

Во долгоочекуваниот говор за Европската унија, Макрон предупреди и дека „нашата Европа е смртна и би можела да умре“.

Во говорот на парискиот универзитет Сорбона, 46-годишниот француски претседател рече дека битката за градење силна Европа е далеку од тоа да биде добиена и дека постои ризик Европа да заостане зад глобалните конкуренти во претстојната деценија. Предупреди дека воените, економски и други притисоци би можеле да ја ослабат и расцепкаат унијата од 27 земји членки.

„Нашата Европа денес е смртна и би можела да умре. Би можела да умре и тоа зависи само од нашите избори“, рече Макрон.

Европа, како што оцени Макрон во продолжение од неговото обраќање, се наоѓа на пресвртната точка и мора да стори повеќе за да остане во трката со глобалните ривали кои забрзано се вооружуваат.

„Мораме да изградиме стратешки концепт на веродостојна европска одбрана за самите нас“, порача францускиот претседател.

Макрон, исто така, предупреди дека постои ризикот Европа да заостане и економски во контекстот на глобалните принципи на слободната трговија коишто големите конкуренти ги довеле во прашање, па поради тоа мора да го преиспита својот модел на раст.

„Европа не е вооружена против ризикот со кој се соочуваме. Во текот на следната деценија (…) постои голем ризик Европа да ослабе и да биде истисната“, предупреди Макрон.

Ја повика Европа конечно да се ослободи од статусот на „стратешко малцинство“ коешто ја направил премногу зависна од Русија поради енергетиката и од САД поради безбедноста.

„Како можеме да ја изградиме нашата сувереност, нашата автономија, доколку не ја преземеме одговорноста за развој на нашата сопствена, европска одбранбена индустрија“, запраша Макрон и порача дека Европа „мора да покаже дека не е вазал на САД и дека знае да разговара со сите други региони во светот“.

Повтори дека како главна безбедносна закана за Европа ја гледа војната во Украина. Макрон рече дека не смее да ѝ се дозволи на Русија да победи во Украина, и повика на јакнење на европските капацитети во сферата на кибернетичката безбедност, на поблиски одбранбени врски со Велика Британија по брегзитот и создавање европска академија за обука на висок воен персонал.

„Условот кон е е неопходно потребен е Русија да не победи во оваа агресивна војна“, рече Макрон.

За Русија, исто така, рече дека по нејзината инвазија во Украина се однесува „без притеснување“, како и дека „повеќе не е јасно“ каде Москва ги „повлекува границите“ на своето дејствување.

Излегувањето на Велика Британија од Европската унија го нарече „една од кризите без преседан“ со кој Европа се соочила последните години и дека тоа била „експлозија чиишто негативни ефекти значат денес никој да не се осмели да предложи некои излегуваа, ниту од Европа, ниту од еврозоната“.