Францускиот претседател Емануел Макрон во средата изјави дека не гледа легитимен наследник на сирискиот претседател Башар ал-Асад, како и дека Франција неговото отстранување од власта повеќе не го смета за предуслов за решавање на шестгодишната војна.
Според францускиот претседател Емануел Макрон, сирискиот претседател Башар ал-Асад е непријател на сирискиот народ, но не и на Франција, како и дека приоритет на Париз е борбата против терористичките групи и напорите Сирија да не стане пропадната држава.
Овие изјави, како и тврдењето на Макрон дека го почитува рускиот претседател Владимир Путин и оти би сакал да се сретне со него, се дијаметрално спротивни од досегашните изјави на претходните француски влади и се толкуваат како одраз на ставовите на Мосвка дека нема одржлива алтернатива за Асад.
„Новата перспектива по ова прашање е дека не сум тврдел дека заминувањето на Башар ал-Асад е предуслов за сѐ, бидејќи сѐ уште никој не ми претставил легитимен наследник“, изјави Макрон во интервјуто за осум европски дневни весници.
„Моите линии се јасни: прво, потполна борба против сите терористички групи. Тие се нашите непријатели. Потребна ни е соработка со сите, особено со Русија, за да ги искорениме“, вели Макрон.
Вториот приоритет, појаснува Макрон, е да се осигури стабилност на Сирија за да не се распадне и стане пропадната држава.
Досега Франција ја поддржуваше сириската вооружена сунитска опозиција, сојузувајќи се со Западот, и бараше судирот да се реши со веродостојна политичка транзиција врз основа на резолуција на Советот за безбедност при ОН која би ја испреговарале главните завојувани сириски страни на мировните преговори во Женева кои се водат под покровителство на светската организација.
Макрон, меѓутоа, во споменатото интервју воопшто не ја споменува улогата на ОН. Неговиот министер за надворешни работи Жан-Ив ле Дријан во вторникот во Москва заговараше потесна соработка со Русија со цел да се изгради „дух на доверба“, а се чини и дека Макрон има цврста доверба во рускиот претседател Владимир Путин, особено кога станува збор за изнаоѓање решение за Сирија.
„Мислам дека него (Путин) не го врзува нераскинливо пријателство со Асад. Има две опсесии; борбата против тероризмот и избегнување сценарио на пропадната држава и затоа ставовите за Сирија ни се совпаѓаат“, појаснува Макрон.
Истакнува, исто така, дека Париз нема да биде благонаклонет кон Асад во случај на употреба на хемиско оружје.
„Користењето на хемиско оружје ќе предизвика одговор, вклучително и одговор на Франција. Оттаму, Франција, кога ова е во прашање, ќе биде целосно согласна со САД“, порачува Макрон.