Макрон порача дека протестите нема да ги запрат реформите

(Photo by Sebastien NOGIER / POOL / AFP)

Протестите нема да ја запре пензиската реформа, ниту другите политички промени, порача во четвртокот францускиот претседател Емануел Макрон во текот на посетата на департманот Високи Алпи каде дојде да одржи говор пред објавувањето на планот со 50 мерки кои треба да ја спречат кризата со водоснабдувањето, пренесуваат медиумите.

Изминатиот викенд безредија започнаа на протестите против создавањето басени за наводнувае на земјоделските површини во општината Сен-Солен на западот на Франција, кога беа запалени неколку полициски возила. Полицијата применуваше солзавец и водени топови. Демонстрантите, од кои според локалните власти многу биле анархисти дојдени од Германија, Италија и Шпанија, со гас-маски и шлемови, заштитувајќи се со импровизираните штитови од млазевите од водените топови, врз полицијата фрлаа пиротехника и цврсти предмети.

Локалното население се спротиставува на плановите на властите, укажувајќи на можната штета врз животната средина при градежните работи, како и испумпување на подземните води што може да доведе до пресушување на природните акумулации. Покрај тоа, демонстрантите сметаат дека земјоделците кои имаат намера да ги користат таквите резервоари „ја уништуваат почвата со интензивните методи на обработување“.

Планот на француската влада опфаќа широк спектар мерки, вклучително и користење на водата, незиното делење и спречување на истекувањето. Макрон и неговата влада се надеваат дека со тоа ќе минат на други теми покрај пензиските реформи кои предизвикаа жестоки протести ширум земјата во последните два месеца.

Во департманот Савине-ле-Лаг во Алпите, каде што подоцна во четвртокот треба да одржи говор, претседателот Макрон го дочека група демонстранти против пензиските реформи. „Макрон поднеси си оставка“ и „Земи си ја својата пензија, не нашите“, пишуваше на транспарентите кои ги прикажуваат локалните медиуми кои известуваат дека се приведени двајца демонстранти.

Водата, исто така, е многу спорно прашање во Франција. Двајца мажи завршија во кома по судирите во саботата со полицијата на протестот против градењето на големиот резервоар за вода. Сушата од минатото лето, најлошата последните децении во Франција, ја заостри дискусијата за водните ресурси во најголемиот производител на земјоделските продукти во ЕУ.

Француските земјоделци истакнуваат дека им се потребни големи резервоари за вода за залевање на посевите ова лето, но групите за заштита на природната средина тврдат дека со ваквиот приод се растура водата и дека земјоделците на тој начин ќе го присвојат заедничкото добро.

„Протестите се нормални… но тоа не значи дека би требало да запреме… Ништо не го оправдува насилството во демократско општество“, рече Макрон за новинарите и додаде дека демонстрантите против водниот басен дошле да „војуваат“ што според него е „неприфатливо“.

„Насилството станува извесна форма на навика кај некои луѓе и тоа треба решително да се сузбива“, рече Макрон.

На протестот во саботата се собрале меѓу 6.000 и 8.000 луѓе според локалните власти и полицијата, а 30.000 според организаторите. Лигата за човекови права ја критикуваше власта за прекумерно користење сила против демонстрантите. Организаторите објавија дека 200 луѓе се повредени, од кои двајца демонстранти завршиле во кома. Нивните семејства поднеле тужби за обид за убиство, пренесе AFP.