Макрон повтори дека можеби ќе бидат неопходни западни воени копнени операции во Украина

Францускиот претседател Емануел Макрон, во разговорот воден во авионот со кој се враќаше од Берлин а објавен во весникот Le Parisien во саботата доцна ноќта, повтори дека во Украина „во некој момент“ можеби ќе бидат потребни копнени воени операции на западноевропските земји членки на НАТО.

„Јас тоа не го сакам и нема да покренам таква иницијатива, но можеби во одреден момент операциите на теренот, какви и да се тие, ќе бидат неопходни за да им се спротивставиме на руските сили“, рече Макрон.

„Силата на Франција е во тоа што ние ние тоа го можеме“, додаде тој.

Францускиот претседател ден претходно во Берлин се сретна со германскиот канцелар Олаф Шолц и со полскиот премиер Доналд Туск.

Повторените изјави на Макрон дека не сака да ја исклучи можноста за испраќање копнени сили во Украина предизвикаа загриженост кај сојузниците на Франција, пред сѐ, Германија, и речиси едногласно противење на француската опозиција.

Во интервју за Le Parisien, Макрон тврди дека нема несогласување со Берлин во овој поглед.

„Нема стратешки разлики. Никогаш немаше никакво недоразбирање меѓу канцеларот и мене. Имаме многу блиски ставови за целите и ситуацијата. Начинот на кој ги изразуваме се разликува“, вели Макрон.

„Германија има стратешка култура на голема претпазливост, неинтервенција и се држи настрана од нуклеарно оружје. Тоа е модел кој многу се разликува од моделот на Франција, која има нуклеарно оружје и ја зачува и зајакна професионалната армија“, објаснува Макрон.

Макрон рече дека ќе го посети Киев во наредните седмици, откако веќе неколкупати го одложува без вистинско образложение патувањето во Украина.

Во продолжение од разговорот Макрон вели и дека помошта на Франција и Германија за Украина може да биде комплементарна.

„Германија троши повеќе од Франција, има повеќе буџетски простор, тоа е можност. А Франција, од друга страна, може да прави работи што Германија не може“, рече Макрон релативизирајќи ја моќта на Русија.

„Не треба да се плашиме, не се соочуваме со голема сила. Русија е средна сила со нуклеарно оружје, но нејзиниот БДП е помал од БДП на Европејците, помал од германскиот, помал од францускиот“, тврди Макрон.

Кон крајот на февруари, Макрон изјави дека дека Париз ќе направи сѐ за да ја спречи Русија „да победи во оваа војна“. Според него, челниците на западните земји разговарале за можноста за испраќање војници од ницните земји во Украина, но сѐ уште не е постигнат консензус.

Подоцна, францускиот политичар, кој во меѓувреме беше жестоко критикуван од своите соојузници за таквите изјави, истакна дека таквите негови изјави биле внимателно разгледани. За време на состанокот со опозициските челници на почетокот на март, Макрон повтори дека Франција „нема граници и црвени линии“ за прашањето за помош на Украина. Неговите домашни политички опоненти оценија дека Макрон всушност со таквите тврдења го подготвува јавното мнение во земјата за носење таква одлука.

Во четвртокот, Макрон во интервју за телевизиските канали TF1 и France 2 рече дека Париз никогаш нема да го преземе водството во воена операција во Украина. Истовремено, тој смета дека актуелниот конфликт има егзистенцијално значење за Европа и Франција. Според Макрон, траен мир на континентот е невозможен без враќање на Украина на „меѓународно признатите граници, вклучувајќи го и Крим“, односно Русија да биде поразена во оваа војна.