Макрон распишува парламентарни избори по победата на крајната десница на евроизборите

Францускиот претседател Емануел Макрон донесе во неделата шокантна одлука да го распушти парламентот и да распише предвремени парламентарни избори подоцна во јуни, откако на изборите за Европскиот парламент победи крајно десната партија на Марин Ле Пен.

Макрон изјави кусо дека резултатите од неделните избори се катастрофа за неговата влада и дека не може да ги игнорира. Набрзо потоа, Ле Пен ја поздрави одлуката на нејзиниот противкандидат од претседателските избори.

„Подготвени сме да ја преземеме власта доколку Французите ни ја дадат довербата на претстојните национални избори“, изјави Ле Пен во седиштето на нејзината партија Национален собир.

Во политичкиот маневар со висок ризик, на помалку од два месеца од одржувањето на Олимписките игри во Париз, Макрон изјави дека изборите на Националното собрание ќе се одржат на 30-ти јуни, а вториот круг од гласањето така ќе биде на 7-ми јули.

Неговата шокантна одлука може да го стави самиот него во речиси немоќна позиција, доколку Националниот собир (RN) успее да дојде до парламентарно мнозинство.

Предводен од харизматичниот Жордан Бардел, Националниот собир освои околу 32 отсто од гласовите на неделните избори, значително повеќе отколку 15 отсто на партијата Преродба (RE). Социјалисти се многу блуски до неа, со 14 отсто, според излезните анкети.