Францускиот претседател Емануел Макрон ги подготвува јавното мислење во случај доколку фронтот во Украина се придвижи кон Одеса или Киев, Франција да може да испрати војници, изјави за телевизијата BFMTV, пратеникот во Националното собрание до Комунистичката партија, Фабиен Русел.
„Претседателот не рече дека Русија напредува кон Одеса или Киев. Како што јас гледам на тоа, тој го подготвува јавното мнение за вмешување на Франција во овој конфликт, велејќи ни: ‘А доколку фронтот се придвижи кон Одеса или Киев, што ќе правиме тогаш? Не треба да има ограничувања за нашата интервенција’. Вака ги прикажува работите, но не треба да си играме со стравувањата на Французите“, вели пратеникот Русел.
Појасни дека на состанокот со опозициските челници, Макрон ја истакнал ситуацијата „на 900те километри линија на фронтот во источна Украина, каква што е во моментов“.
Според францускиот пратеник, денес „мора да се стори сѐ за да се осигури дека Франција нема да стане соучесник во овој конфликт и да не влезе во директна конфронтација со Русија“. Како што истакнува Русел, „стратешката нејасност“, што според опкружувањето на претседателот, Макрон сакал да ја постигне со своите изјави само овозможува да се мисли дека Франција може да се вмеша во судирот.
„Го прашав: ‘На почетокот од конфликтот рековте дека мора да има црвени линии коишто не може да се преминат, за да не се стане соучесник и да не се влезе во војна со Русија. Дали денес постојат такви црвени линии?’ Тој ми одговори: ‘Не, повеќе не треба да има ограничувања, суштината на конфликтот е изменета“, рече Русел.
Така, според лидерот на француската Комунистичка партија, претседателот Макрон јасно ја признал можноста Франција утре да влезе во војна со Русија
„Мене ова ме загрижува, бидејќи со овие зборови тој учествува во воена ескалација, бидејќи секогаш тоа е нов чекор кон глобалното разгорување на оваа војна, а тоа е опасно“, додаде Русел.
Според него, Макрон тврди дека Русија наводно денеска побарала прекин на огнот. Притоа францускиот претседател рекол дека за Западот е недозволиво да се прифатат барањата на Москва, бидејќи при прекин на огнот Русија може повторно да се вооружи. Расел, во врска со тоа, оцени дека позицијата на Макрон е „неверојатна работа, и според него, прекинот на непријателствата во Украина може да биде почеток на мировни преговори.
Во четвртокот Макрон разговараше со челниците на опозициските партии во обидот да ги убеди да ја поддржат зголемената воена помош на Франција за Украина. Но, како што известија француските медиуми, опозициските лидери и шефот на државата не постигнале договор за мерките за помош на Киев, а притоа Макрон од соговорниците бил предупреден да не ја вовлекува Франција во војната во Украина.
Кон крајот на февруари Макрон изјави дека Франција „ќе стори сѐ што е потребно“ за да ја спречи Русија „да победи во оваа војна“. По итниот состанок во Париз со 20-ина европски челници и американски висок функционер, Макрон изјави дека сојузниците дискутирале за испраќање војски на членките на НАТО во Украина, иако призна дека во моментов не постои консензус по таа тема.
Набрзо францускиот претседател беше демантиран од европските челници и жестоко критикуван од опозицијата, па дури и од функционери во неговата партија. Тие го обвинија Макрон за „несериозност“ и за вовлекување на земјата во воена, како и дека не се консултирал со парламентот.