Макрон се залага за создавање Европски совет за безбедност

Францускиот претседател Емануел Макрон смета дека е неопходно да се воспостави Европски совет за безбедност, во којшто ќе влезе и Велика Британија којашто на 29-ти март ќе ја напушти Европската унија, пренесува во понеделникот агенцијата France-Presse.

Според агенцискиот извештај, францускиот челник за оваа тема пишува во авторскиот текст кој во вторникот треба да биде симултано објавен во најголемите европски дневни весници.

Споменатиот совет ќе „подготвува колективни одлуки на Европската унија во сферата на одбраната“, цитира дел од текстот AFP. Според Макрон, активносите на Советот треба да се засноваат на „договор за одбраната и безбедноста“, во кој би биле дефинирани одговорностите на земјите од ЕУ, земајќи ги предвид односите со НАТО и европските сојузници на Унијата.

Таквите обврски ќе се состојат од зголемените трошоци за одбраната, а договорот, исто така, ќе вклучува и одредба за заемна помош во одбраната во случај некоја земја потписничка биде нападната од трета земја.