Макрон в четврток ќе го отвори „Олимпиското село 2024“ во Париз

Францускиот претседател Емануел Макрон ќе го отвори в четврток „Олимпиското село 2024“, лоцирано во предградие на Париз и тоа е „важен чекор кон Игрите“, соопшти вечерва Елисејската палата.

Компанијата која го градеше, на церемонијата на која ќе присуствува Макрон, официјално ќе ги предаде клучевите на Организацискиот комитет на Олимписките игри 2024 во Париз.

Тоа е лоцирано во предградие на Париз во близина на реката Сена и е најголем проект на Организацискиот комитет, со 2.800 станбени единици со околу 14.250 кревети.

За изградбата беа ангажирани околу 4.000 работници.

Олимпиското село официјално ќе биде отворено во јули пред почетокот на Олимписките и Параолимписките игри, а игрите ќе се одржат од 26 јули до 11 август годинава.