Макс Верстапен првпат славеше на Големата награда на Кина

Актуелниот трикратен светски шампион во Формула 1, Холанѓанецот Макс Верстапен од тимот на Ред Бул убедливо ја освои својата четврта победа сезонава и прва во кариерата на Големата награда на Кина, која се одржа во неделата првпат по 2019 година.

На Верстапен му беа потребни еден час, 40 минути и 52.554 секунди за 58-та победа во кариерата и совладување на 56-те круга на патеката во Шангај, а неговиот триумф ќе беше уште поубедлив доколку безбедносното возило не мораше двапати да излезе на патеката.

Холанѓанецот славеше со 13.773 секунди предност пред Британецот Ландо Норис од Мекларен, а на подиумот им се придружи уште еден возач на Ред Бул, Мексиканецот Серхио Перез со заостанување од 19.160).

На четвртото и петтото место заврши двоецоте на Ферари, монежанецот Шарл Леклер и Шпанецот Карлос Саинц Јуниор. Шести беше Британецот Џорџ Расел од Мерцедес, а седмото место го освои Шпанецот Фернандо Алонсо од тимот Астон Мартин, кој освои дополнителен бод за најбрз круг. Поранешниот двократен светски шампион беше единствениот возач кој успеа да ја помине патеката долга 5.451 километри за помалку од една минута и 38 секунди (1:37.810).

Со четири победи во пет трки оваа сезона и едно откажување, на Гран прито во Австралија, Верстапен вози кон четвртата последователна светска титула. Холанѓанецот собра 110 поени, 25 повеќе од второпласираниот клупски колега Серхио Перез. Трет е Шарл Леклер со 76 бодови, а четврти е Карлос Саинц Јуниор со 69. Петтото место го држи Ландо Норис со 58 бодови.

Следната, шестата од 24 трки од годинешниот календар на Светскиот шампионат во Формула 1 ќе се вози на 5-ти мај, а возачите ќе се натпреваруваат за Големата награда на Мајами.