Како покровител на Одделот за неонатологија при Универзитетската Клиника за Детски болести во Скопје, компанијата Макстил заедно со волонтерите од компанијата целосно помогна во реновирањето и набавката на потребната пропратна опрема и апарати. Станува збор за донација во вредност од 35 илјади евра, а реновирањето опфати градежни активности и целосна реконструкција на простор од 400 метри квадратни, вклучително опремување на истиот и набавка на опрема за фототерапија, со што е даден комплетно нов изглед на одделението, а опремата ќе овозможи подобро функционирање на одделот што е единствен од ваков тип во целата држава.
„Оваа донација оди на место каде има најголема потреба од помош. Знаеме дека се наоѓаме во време на пандемија со КОВИД, но овој оддел мора да добие посебно внимание од сите чинители и затоа нашата компанија донесе одлука да биде покровител на Одделот за неонатологија. Ова за нас како компанија би значело продолжување на веќе воспоставената четиригодишна соработка како во делот на детската неврохирургија така и во делот на клиниката за кардиологија. Конкретно Одделот за неонатологија е единствен од ваков тип од јавен карактер во нашата држава, каде доаѓаат предвремено родени деца и сметаме дека токму тука треба да има беспрекорни услови за работа. Бидејќи се грижиме за иднината на генерациите што следат и особено за предвремено родените бебиња, затоа нашата донација е насочена токму тука за да помогнеме на малите борци да ја изборат својата прва битка во животот. Имаме голема одговорност сите да помогнеме онаму каде помош најмногу треба и тука нема да застанеме, остануваме посветени да помогнеме”, изјави Иван Бановски, генерален директор на Макстил.
„Би сакал да изразам благодарност на Макстил и раководството кои во целиот изминат период од повеќе месеци во една интензивна комуникација покажаа голема општествена одговорност и ги понудија своите капацитети и ресурси да му помогнат на еден од најспецифичните делови во јавното здравство, а тоа е на Универзитетската Клиника за детски болести во одделот за неонатологија. Оваа институција со години наназад е позната по својата експертиза, по своето реноме, а сега овој оддел е целосно обновен и има целосно обновена внатрешна инфраструктура благодарение на компанијата Макстил. Упатувам голема благодарност, се надевам дека соработката ќе продолжи и понатаму”, истакна министерот за здравство Венко Филипче.
За Клиниката за детски болести оваа донација е од голема помош и дојдена токму на време. „Со донацијата се направени обемни реконструкциски зафати и се опфатени суштински делови, кои значително ќе ги подобрат условите и капацитети на грижата за новороденчињата. Во делот на неонаталогија секогаш има потреба од подобрување и нова современа опрема, бидејќи сме единствен оддел во земјава каде се примаат предвремено родени деца со компликации. Веруваме и се надеваме дека оваа донација од Макстил е само почетокот на она што треба како активен однос и вистинска општествена одговорност да потекне од бизнис секторот,“ изјави Аспазија Софијанова, директорка на Универзитетската Клиника за детски болести.
Со донацијата се овозможува поефикасно функционирање на одделот за предвремено родени деца со потешкотии, а сите градежни работи како и инсталацијата на опремата и апаратите се извршени согласно сите стандарди за работа на здравствени установи.