Според мерните инструменти на Макстил, нема забележани надминувања на дозволените вредности од А интегрираната еколошка дозвола, измерените вредности се многукратно помали од дозволените, велат од компанијата која информира дека денеска бил направен вонреден инспекциски надзор од страна на ДИЖС за утврдување на емисијата на гасови на мерните точки во Макстил АД.
„За време на посетата инспекторите информираа дека има поплаки од граѓаните за зголемена бучава по што беа презентирани мерењата на бучавата согласно А дозволата извршени од страна на надворешна акредитирана лабораторија и беше утврдено дека се во рамките на дозволеното, велат од Макстил.
Покрај Макстил АД, во комплексот на поранешна Железарница, додаваат од компанијата, работат преку 60 правни субјекти, од кои за жал, според кажувањето на ДИЖС, голем дел немаат ни основни еколошки елаборати.
„Приоритет ни е како компанија почитување на сите законски обврски и сигурни сме дека во секој момент производниот процес работи според А интегрираната еколошка дозвола.
Ја поздравуваме професионалноста и ангажираноста на инспекциските служби и ги охрабруваме и понатаму да продолжат со редовни и вонредни контроли и проверки, како би се детектирале вистинските учесници кои придонесуваат во загадувањето на Скопје за истото да се спречи за доброто на сите“, се вели во соопштение од Макстил АД Скопје.