Мал број луѓе со „црни“ пари посакуваат дестабилизација за да си ја спасат кожата

-Има видливи резултати од Охридскиот рамковниот договор, иако тој требаше да се исполни во првите четири години, ние се уште разговараме дали е исполнет или не е, изјави вечерва вицепремиерот и министер за животна средина Изет Меџити, кој истовремено е и лидер на Демократското движење.

– Рамковниот е нова перспектива и мислам дека ќе се исполни ако сите делуваме во негов дух, без разлика кој раководи со некоја институција, дали Албанец, дали Македонец, ако оди по принципите на Рамковниот тоа ќе биде добро за целата држава и за подобра перспектива за сите граѓани. А, во однос на овие дестабилизации и закани, мислам дека треба да ги сфатиме ДУИ. После дваесет години не можат да се соочат со реалноста дека се опозиција, дека треба да бидат опозиција, дека треба да се вратат на себеси, на реформи внатре, нова програма, нови идеи. Во принцип, нема да има такво нешто. Не се спремни граѓаните и не посакуваат да протестираат да дестабилизираат кога не постои некоја политичка кауза или, пак, кауза им е Соравија и други коруптивни зделки, вели Меџити во Тема на денот на ТВ Сител.

Тој вели дека мал број луѓе со „црни“ пари посакуваат да има дестабилизација во државата за да си ја спасат кожата.

-Точно е дека има црни пари и посакуваат да има магла за да си ја спасат кожата, но тоа се мал број на луѓе и не мислам дека заради тие мал број луѓе некој ќе посегне или да крши закон или да сноси одговорност утре за некакво дестабилизирање. На крај на граѓаните им треба мир, им треба подобар животен стандард, повисоки плати, па и во однос на Охридскиот договор, еден од столбовите е токму децентрализацијата, рече Меџити.

Тој оцени дека е добро што се организирани државни настани за одбележување на годишнината на Охридскиот рамковен договор и дека на вечерашниот настан ДУИ како политичка партија е поканета.

Запрашан за односите во владината коалицијата Меџити кажа дека во однос на поголемиот партнер (ВМРО-ДПМНЕ) има пофални зборови посочувајќи дека се издвоени милијарда евра за општините и општинските буџети за решавање на конкретни проблеми со граѓаните. Што се однесува до ЗНАМ, посочи тој, смета дека малку се „некомотни“.

-Мислам дека и левичари и националисти, нешто не штима тука. Треба да ги преиспитаат нивните политики за нивното добро бидејќи обично левичарските партии се малку покосмополити, пограѓански ориентирани. Ретко може да се најде и во Европа и во регионот и Левичар и националист, рече Меџити.