Малчески: Ноторна глупост е дека вчерашниот ден бил некаков исчекор во демократијата во СДСМ

Самоил Малчески од ВМРО-ДПМНЕ во вечерашното гостување во емисијата Анализа на ТВ 24, коментирајќи го вчерашниот избор на Зоран Заев за претседател на СДСМ, вели дека всушност вчерашните избори во СДСМ не се избори, бидејќи кога се има избори тогаш треба да се избира помеѓу нешто, па праша членството за кој гласаше дали за Зоран или за Заев.

Малчески смета дека изјавите дека вчерашниот ден биле некаков исчекор во демократијата се смешни, укажувајќи дека ноторна глупост е дека ова се првите внатрепартиски избори.

-Кога некој ќе каже дека вчерашниот ден бил некаков исчекор во демократијата мене ми е смешно и затоа се смеа. Зошто ми е смешно? Ноторна глупост е дека ова се првите внатрепартиски демократски избори. До 2003 година додека не беше сменет Статутот на ВМРО-ДПМНЕ тогашниот статут предвидуваше избори на претседатели на општински комитети, на месни комитети, членството гласаше непосредно на состаноци и тоа беше еден своевиден внатрепартиска демократија, рече Малчески и додаде:

Понатаму, истото се случуваше и во СДСМ и тоа се случуваше до 2014, 2015 година кога практично Зоран Заев со тогашната промена на Статутот на СДСМ ги укина внатрепартиските избори. По луѓето кои што гласаа за претседателе на локални клубови, за делегати на конгрес на СДСМ, наеднаш почнаа да се поставуваат на конкурси небаре бирате мис а не партиско раководство.

-Вчерашните избори во СДСМ прво не се избори. Имате избори кога треба да избирате помеѓу нешто. Што избираа вчера? Го гласаа Зоран или го гласаа Заев? Зошто не овозможија да има втор кандидат, прашува тој.