Малцинскиот далтонизам во надворешната политика?!

Незнаењето може да се едуцира, лудилото може да се лекува. Кој е лекот за глупоста? Изгледа нема лек. Глупоста во годините на владеење на Заев стана ментално слепило. Затоа и максимата од негово време кое „државотворните“ ја мантраат како слепци дека „големите лидери носат големи одлуки“ е уметност на глупоста во небулозен и сугестивен вид на шаблонизиран мозочен перформанс. Големиот лидер од „Калиниќ пијаца“ ни испорача големи „срања“ во политиката. Кои тешко ќе ги дезинфицираме. Седум години живеевме со интелектуално инсуфициентен антидемократски демагог кој беше целосно лишен од политичка и етичка пристојност. Во овој седумгодишен среден век на слободната мисла во Македонија недостасува еден лик од актерската екипа на политичкиот живот: јавниот интелектуалец. Оној интелектуалец кој е спремен да ризикува нешто од себе за нешто надвор од себе. Да беше поинаку немаше да помине тезата на тогашната власт дека малцинските прашања се предмет на внатрешна јурисдикција на државите, како оправдување за откажување од македонското малцинство во соседна Бугарија. Ако некој се уште има проблем со комунистичкото ДНК на социјал демократите да потсетам дека прашањето за човековите права и малцинствата оддамна е излезено од комфорната зона на внатрешно прашање на државите од времето на студената војна, оспорувајќи ја идејата дека државите треба да имаат конечна власт над нивните територии и дека секое интензивирањето на надворешното влијание врз креирањето на домашната политика ја зголемува загриженоста дека силата на суверенитетот, како норма за неинтервенција, фатално ќе биде еродирана.

Жално е што после триесет и пет години на независна (каква таква) држава се уште има потреба да ги објаснувам овие работи? Да имавме јавна критична мисла немаше власта да биде така комотна малцинските права да ги третира како привилегија за да ја одмолчи асимилацијата, маргинализацијата и културното обезличување на македонското малцинство надвор од границите на матичната држава. Или пак како држава да ја прифатиме тезата дека „статистичките идентитети“ и „етничкиот далтонизам“ се основа за бришење на наследството на постоењето на малцинството и зајакнување на неговата асимилација во нацијата. Таквата невидливост на малцинствата требаше да обезбеди еднаквост на сите пред законот и, следствено на тоа, во општествениот живот. Еднаквоста преку невидливоста бара да не се застапуваат етничките поделби во општеството. Кредото на рамнодушност кон разликите, или кон видливоста на малцинствата е основата за нивниот стигматизиран статус и води кон промовирање на, она што јас би го нарекол, избор на незнаење со отстранување на секое повикување на етничко потекло од политиките или законите, а се во согласност со Уставот. Затоа македонското малцинство во соседните држави почна систематски да изчезнува.

Иако сето ова упатува на држава без малцинства, каде индивидуалниот принцип во почитување на правата е над колективниот, реалноста е секако поинаква. Интеракцијата помеѓу индивидуалните права и аспектите на групната заштита јасно се рефлектира во јурисприденцијата на меѓународните тела за заштита на човековите и малцинските права. За оние што имаат дилеми околу ова нека ги погледнат извештаите по Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства од Советот на Европа во 1995 година. Или подобро е да се правиш мутав како нашите „големи лидери“, кои малку да читаа немаа да тресат зелени дека уставите на демократските држави се разликуваат во поглед на следење на колективниот или индивидуалниот принцип во почитување на правата. На тој начин, со нивен благослов, свесно дозволија малцинското прашање да излезе од радарот на нашата надворешна политика во меѓународните форуми, оставајќи го македонското малцинсто во соседните држави само да се грижи за својот статус и своите права.

Дали е време и дали треба да ја преиспитаме врската помеѓу статусот на македонското малцинство и неговата видливост во нашата надворешна политика? Секако дека треба, зашто постоењето на малцинство е прашање на факт, без оглед какво и да биде оправдувањето на државите да ги направат невидливи малцинствата на нивната територија. Државното слепило и тишината што преовладуваше за македонското малцинство во соседните држави, на кое се согласи претходната влада, очигледно беше избор од незнаење и сервилна надворешна политика која мора под итно да се напушти, зашто заштитата на малцинствата не зависи од одобрението на државата или од каприците на владата. Не се владите на државите тие што решаваат дали малцинствата на нивните територии заслужуваат, или не, одредени права, или да одбие да го признае нивното постоење. Затоа видливоста мора да биде централна за нашите сфаќања за стигматизираниот статус на македонското малцинство во соседството и мора да биде основа на нашиот нов курс во надворешната политика во меѓународните форуми каде се расправа за ова прашање. Мора да бидеме гласни и да се спротиставиме на политиката на далтонизам спрема македонското малцинство надвор, зашто политиката на далтонизам лесно може да се прошири и на нашиот идентитетски статус. Процес кој очигледно е отворен.

Автор: професор Звонимир Јанкуловски за НетПрес