Малезискиот авион во Украина е урнат од ракета на проруските сили

Малезискиот авион во Украина е урнат од ракета на проруските сили

Авионот на компанијата „Малезија ерлајнз“, кој пред речиси една година се урна во источниот дел на Украина, при што загинаа сите 298 патници, е соборен со ракета на проруските сили, извести Си-Ен-Ен, повикувајќи се на предлог-извештајот на холандските експерти, објави МИА.

Во документот кој има неколку стотина страници е наведен точниот тип на ракетата со која е соборен авионот на летот МН17, како и нејзиното движење, изјавил извор близок до истрагата.

Друг извор, кој имал увид во извештајот, тврди дека во него постои реконструкција на летот на малезискиот авион, од минута во минута, како и идентификација на делот од територијата од каде што е истрелана ракетата, со што одговорноста за уривање на авионот се препишува на проруските сили.

Во извештајот, според тврдењата на двата извора, дел од одговорноста се префрла и на авиокомпанијата „Малезија ерлајнз“, бидејќи другите компании ја избегнувале зоната на конфликтот.

Се очекува крајниот извештај да биде завршен и објавен во првата половина на октомври оваа година.