Мали ги прекина дипломатските односи со Украина, обвинувајќи го Киев кој самиот призна дека е вмешан во заседа во која беа убиени десетици припадници на малиската армија и руската приватна воена групација „Вагнер“ на крајот на јули, кои се бореле со сепаратистите поддржани од западните разузнавачки агенции и џихадистите на северот на земјата.
Владата на Мали, која е предводена од хунта од 2020 година како реакција на незадоволството на граѓаните поради несправувањето на тогашната влада и француските војници во земјата со џихадистичките терористички групи во поширокиот региона на Сахел, одлучи да „раскине со сегашниот ефект на дипломатските односи со Украина“, изјави доцна во неделата портпаролот Абдулаје Маига.
Сепаратистите и џихадистите соопштија дека убиле десетици членови на руската паравоена група „Вагнер“ и војници од Мали во заседа кај местото Тинзауатен, на границата со Алжир на североисток, а која била подготвена, според сопствено признание со помош на технолошки реурси и планови од украинската разузнавачка служба.
На социјалните мрежи на профили блиски на украинската разизнавачка служба се појавија фотографии на кои со замаглени ликови меѓу џихадистичките борци се и лица во западна воена опрема со украинско знаме.
Малиската армијата и „Вагнер“ потврдија пред две седмици дека претрпеле тешки загуби, но не го прецизираа бројот. Тоа е единствениот и најтешкиот пораз на „Вагнер“ во Африка, велат аналитичарите.
Владата на Мали „ги забележа, со длабоко чудење, субверзивните изјави со кои Андриј Јусов, портпаролот на украинската воена разузнавачка агенција, ја призна вмешаноста на Украина во кукавички, предавнички и варварски напад на вооружените терористички групи кои ги предводеа до смрт на припадници на одбранбените и безбедносните сили на Мали“, се вели во соопштението за печатот.
Владата на Мали смета дека овие акти „го нарушуваат суверенитетот на Мали, излегуваат надвор од опсегот на странско мешање и претставуваат поддршка за меѓународниот тероризам“.
Хунтата во Мали, предводена од полковникот Асими Гоаит, веќе ја прекина воената соработка на поранешниот колонизатор на оваа африканска земја Франција во 2022 година, незадоволна од ефектите на дејствувањето на француската Легија на странците чии припадници беа, меѓу другото, обвинети и за злосторства.
Според проценките на западните агенции од пред пучот во Мали, „постојаната и растечка сила на насилните екстремистички организации во Сахел се заканува да ја влоши хуманитарната криза и да ја прошири нестабилноста низ Африка, што претставува значителен безбедносен и финансиски ризик за САД и Европа. Постојаниот колапс на меѓународната поддршка за борба против тероризмот, како и слабеењето на лидерството во регионалните напори, создаде вакуум во кој може да се шири насилниот екстремизам. Организациите, вклучувајќи го Џемаат Нусрат ал-Ислам вал Муслимин (JNIM), Исламска држава во Голема Сахара (ISGS), Исламска држава во западноафриканската провинција (ISWAP) и други веќе го искористија овој вакуум, користејќи ги земјите во регионот како платформи да изврши неселективни напади врз владините сили и врз цивилите. Други недржавни актери, како што е групата Вагнер, исто така го искористија недостатокот на странска вклученост за да го прошират своето влијание. Можното приближување на безбедносните закани, вклучително и зголемената соработка меѓу терористичките организации и меѓу терористичките и криминалните организации, може да ја интензивира опасноста што ја претставуваат овие групи во регионот и пошироко“.