„Малиот Берлин“ поделен меѓу Истокот и Западот

Триесет години по падот на Берлинскиот ѕид, се уште постои село во Германија кое е поделено меѓу Истокот и Западот. Медларојт има само 15 куќи, но има по два градоначалници и исто толку повикувачки телефонски броеви.

Местото постои од 1810 година од кога е поделено со границата меѓу тогашните германски држави, Баварија и Турингија, но за жителите на Медларојт тоа никогаш не било проблем. Барем не до крајот на Втората светска војна.

Со поделбата на Германија меѓу СССР и САД, Медларојт исто така беше поделен по границата на две држави. Советите го окупираа источниот дел, а Американците ја презедоа контролата врз Западот.
По поделбата е изграден ѕид за да  и селото физички се подели, поставени се и стражарски кули со митралези, а било минирано полето околу ѕидот. Така Медларојт стана познат како „Малиот Берлин“.

Денес постои само мал дел од ѕидот кој служи како музеј на отворено, заедно со стражарските кули, но селото се уште е поделено.

Џејсон Џонсон, автор на книгата “Поделеното село: Студената војна во германските погранични земји“, вели дека ова место е необичност на модерната Германија.

Медларојт уште има двајца градоначалници, два поштенски кода, различни училишта за деца на спротивните страни на селото, а за да разговараат со соседот на другата страна селаните мора да телефонираат избирајќи друг телефонски повикуваки број, вели Џонсон.

Жителите исто така се разликуваат во говорот. На баварската страна туристите ги пречекуваат со традиционалното добредојде “Gruss Gott”, а од друга страна се користи германското “Guten Tag”.
Жителите еднаш биле прашани дали би сакале да ги обединат двете страни од селото, но тие едногласно рекле „не“. Меѓутоа, постојат знаци дека заедницата се приближува.

Жителите сега се собираат во центарот на турингискиот дел од границата, а оваа година за 1 мај беше ставен декоративен стап со знамиња, наместо два.