Договорот меѓу републиканците и демократите за зајакнување на безбедноста на границите и испраќање помош за Украина и Израел најверојатно нема да мине во американскиот Сенат подоцна во средата по европско време, бидејќи на него се противат републиканците на поттик од поранешниот претседател Доналд Трамп.
Предлог-законот ќе биде најголемата промена во американската имиграциска политика во последните децении, што ја одразува широката загриженост на јавноста поради големиот број мигранти кои пристигнуваат преку мексиканската граница. Тоа би овозможило да се испратат 60 милијарди американски долари во Украина во војната против Русија и 14 милијарди на Израел, кој е во војна против палестинското движење Хамас во Појасот Газа.
Но, републиканците јасно ставија до знаење дека ќе гласаат против, иако предлогот содржи многу од нивните приоритети.
Трамп, водечкиот кандидат за републиканската претседателска номинација, ги повика пратениците да отфрлат каков и да е компромис кој би одел на штета на прашањето на границата кон Мексико, а претседателот на Претставничкиот дом, Мајк Џонсон рече дека законот ќе биде „мртов веднаш штом ќе стаса“ во долниот дом на Конгресот. Највисокопозиционираниот републиканец во Сенатот, Мич Мекконел, кој долго време се залагаше за договорот, рече дека нема доволно гласови за да биде усвоен.
Водачот на демократите во Сенатот, Чак Шумер, сепак, закажа гласање за нацрт-законот. Загриженоста за имиграцијата стана главен проблем во кампањата, а Бајден го обвинува Трамп за пропаѓањето на договорот. Доколку нацрт-законот во Сенатот не успее, Шумер планира да одржи уште едно гласање за пакетот што ќе овозможи испраќање помош до Украина, Израел и другите сојузници без одредба за границата, изјави за медиумите неговиот помошник. Не може да се каже дали ќе помине, додаде.
Џонсон негира дека се противел на законот од политички причини за да му помогне на Трамп. Тој рече дека смета оти не е соодветен предлог-законот со кој се предвидува привремено затворање на границата за повеќето мигранти доколку границата ја минуваат над 5.000 луѓе дневно. Џонсон, исто така, во средата рече дека ќе одржи уште едно гласање за отповикувње на секретарот за внатрешна безбедност Алехандро Мајоркас, највисокиот граничен службеник на Бајден, откако првиот обид во вторникот не успеа.