
Тројца малолетници од Велес се осомничени дека ги претепале и ограбиле двајцата јапонски туристи, завчера кај Катланово, информираше МВР.
По завчерашниот случај на разбојништво врз двајца јапонски државјани, што се случи околу 15 часот на локалниот пат од Катланово кон Брезница, СВР Скопје по превземените интензивни оперативни активности ги идентификуваше тројцата напаѓачи, од кои што двајца се веќе приведени. Се работи за тројца малолетници од Велес на возраст од 15 до 17 години, кои што истиот ден во Гостивар одзеле патничко возило „Форд мондео“ со гостиварски регистарски таблички, кое што го употребиле неколку часови подоцна во извршувањето на разбојништвото. СВР Скопје, по целосно документирање на случајот против лицата ќе поднесе соодветни кривични пријави- велат од МВР.
Како што МВР претходно ја информираше јавноста, напаѓачите откако ги пресретнале јапонските државјани кои со велосипеди се движеле на локалниот пат, физички ги нападнале, и им одзеле 3000 евра, патни исправи, кредитни картички и еден мобилен телефон „Ајфон“, притоа нанесувајќи им на оштетените тешки телесни повреди.