Малта погодена од жегата осми ден со прекини на струјата

Островската медитеранска членка на Европската унија, Малта е последната во низата земји погодени од екстремните топлотни бранови изминатите седмици на југот на Европа, и веќе осми ден со ред се справува со прекини во снабдувањето со електрична енергија предизвикани од високите температури.

На Малта во понеделникот се регистрирани 42,7 Целзиусови степени, достигнувајќи го рекордот од 1988 година, според податоците на националната метеоролошка служба. Поради тоа, властите издадоа предупредување со апел за граѓаните да не ги напуштаат своите домови меѓу 11 и 16 часот, односно во најтоплиот дел од денот.

Високите температури, исто така, според властите предизвикале прекини во снабдувањето со електрична енергија веќе осми ден со ред. Истовремено, побарувачката на струја го достигнала историскиот максимум што значително ја оптоварило електричната мрежа на островот.

Во некои случаи прекините на струјата траеле и по 36 часа. Според државната електроенергетска компанија „Enemalta“ соопшти дека високите температури оштетеле многу подземни кабели.

Десетици илјади луѓе и бројни компании се погодени од прекините на струјата, особено бидејќи клима уреди не работат. Многу луѓе спиеле на земја, надвор од домовите или во своите возила со вклучени мотори и разладните системи во нив за да побегнат од ноќните спарини.

Падот на електричната мрежа во некои случаи значително финансиски ги оштетило компаниите. Рестораните и супермаркетите мораат да ја фрлаат одмрзнатата храна, чијашто вредност се проценува на повеќе десетици илјади евра.

Здружениото на малтешките хотелиери и ресторатери, исто така, извести за фрустираните гости кои поради прекинот на струјата масовно го одјавувале престојот.

Покрај Грција, којашто подолго од една седмица се справува со десетиците шумски пожари и каде што властите мораа да евакуираат десетици илјади туристи од популарните островски дестинации, другите јужноевропски медитерански земји како Турција, Шпанија, Португалија, Италија и Франција, исто така, се соочуваат со историски незабележаните високи температури.