МАН смета дека медиумските закони веќе се однапред подготвени и како такви ќе бидат сервирани и доставени до политичките партии кои потоа треба да ги усвојат, како и до медиумите кои се најзасегнати од истите.
Македонската асоцијација на новинари(МАН) преку писмено соопштение го поздрави почетокот на процесот на дефинирање на она што треба да бидат законски и кадровски решенија за медиумскиот сектор и МРТВ како јавен сервис.
Поради фактот дека не постои балансираност во медиумите кои учествуваат во овие дебати под меѓународно посредништво и покровителство, како и поради фактот дека дебатите се празни – а решенија ни се сервираат. МАН смета дека медиумските закони веќе се однапред подготвени и како такви ќе бидат сервирани и доставени до политичките партии кои потоа треба да ги усвојат, како и до медиумите кои се најзасегнати од истите, велат од МАН.
Од Асоцијацијата нагласуваат дека во прилог на ова говори и фактот дека решенијата за МРТ се кројат зад затворени врати во Клубот на пратеници со посредништво на Питер Ванхаут, каде не се разгледуваат стручни и меѓународни примери и искуства, туку се разгледуваат предлози кои ги застапува СДСМ преку ЗНМ (Здружение на новинари на Македонија).
Ова значи дека целата реформа околу МРТ ќе се сведе на кадровски решенија предложени од опозицијата, без суштински системски унапредувања за јавниот сервис. МАН во повеќе наврати јавно ги презентира и доставува до сите засегнати субјекти стручните предлози за реформи во медиумскиот сектор и најавуваме дека остануваме на ставот дека е потребна дебата, но суштинска, а не парцијална која главно се однесува на кадровски решенија на пример како оние за јавниот радидифузен сервис. За медиумскиот сектор не се потребни парцијални дебати и решенија, туку суштински, се вели во соопштението од МАН.