Постоечките закони за медиумската област се добра основа за реализација на слободата на изразување и слобода на медиумите и не се потребни реформи во меидумскиот простор. Ова е оценката што Македонската асоцијација на новинари (МАН) ја даде во писменото соопштение упатено до јавноста.
Здружението на новинари на македонија (ЗНМ) и Синдикатот на новинари немаат никакво право да бараат нова законска регулатива за медиуми или закон за медиуми бидејќи не се носи закон за медиуми, туку закон за цензура на телевизиите. Бидејќи над 90 проценти од медиумските работници во телевизиите се членови на Македонската асоцијација на новинари и МАН смета дека реформи во медиумскиот сектор не се потребни, соопшти МАН.
МАН, се вели во соопштението, итно бара ЗНМ и Синдикатот на новинари како експоненти на СДСМ, заедно со таа политичка партија да престанат да прават притисоци врз медиумите и да престанат да изигруваат цензор со што медиумите треба да им овозможат да дојдат на власт без избори.
МАН смета дека постоечките закони за медиумската област се добра основа за реализација на слободата на изразување и слобода на медиумите што впрочем може да се види од настапите на членовите на ЗНМ и тн. Синдикат, наведува МАН во соопштението.
Претходно од ЗНМ, Самостојниот синдикат на новинарите и медиумските работници, Македонскиот институт за медиуми, Советот на етика на медиумите и Институтот за комуникациски студии информираа дека во наредниот период ќе работат заедно да ги убедат сите одговорни да се направат реформи во медиумската сфера пред изборите закажани за 5 јуни. Тие во петокот доставиле барање за средба со претседателот Ѓорге Иванов, со претседателот на Собранието Трајко Вељаноски и со лидерите на политичките партии потписници оговорот од Пржино.