Напоредно со градежните работи за поставувањето на водоводот во балканското светилиште, манастирскиот комплекс „Успение на Пресвета Богородица – Трескавец“, кои забрзано се одвиваат веќе втор месец, интензивно се работи и на изработката на проектот за реставрација и конзервација на манастирската црква.
Овој средновековен црковен храм, иако е заштитено културно-историско национално наследство и Споменик на културата, со години е оставен на немилосрдниот заб на времето. Неговите оштетувања особено станаа загрижувачки после големиот пожар во 2013 година. Меѓутоа, како што уверуваат од прилепскиот Завод и Музеј, до крајот на годинава треба да завршат проектните подготовки за веќе в година, во Министерството за култура да се конкурира и со конечен проект.
„Ние годинава имаме за цел, иако тоа е тешка цел, меѓутоа како за цел ни е да го направиме проектот за санација, реконструкција и реставрација на црквата „Успение на Пресвета Богородица“ во Трескавец. Само да го подготвиме проектот е макотрпна работа, и таа работа, најверојатно, ќе видиме, можно е и да се продолжи, зависи од активностите што ги преземаме и од стручните лица“, – вели Горан Цветкоски, директор на НУ „Завод и Музеј“, Прилеп.
Инаку, како што објаснува Цветкоски, годинава, со два напоредни проекти, континуирано се работи на конзервацијата на црквата. Со првиот проект, кој треба да заврши до крајот на октомври, се прават хидро-геолошки истражувања за санирање на огромната влага која е и најголемиот проблем, бидејќи ги разјадува ѕидовите и на црквата, а и на нејзиниот исклучително вреден фрескоживопис. А додека вториот проект опфаќа – конзервација и реставрација на црквата и бидејќи тој е покомплексен во однос на првиот, на него работел стручен тим од ИЗИС, од Градежниот факултет и професор-консултант од Грција. За овие два проекти, годинава Министерството за култура издвоило 8, 2 милиони денари што всушност била и целата сума која прилепскиот Завод и Музеј ја побарал за оваа намена.