Манчестер Јунајтед се вклучи во битката за пласман во ЛШ, Ливерпул го губи чекорот

Во 34-то коло до англиската Премиер лига, во неделата фудбалерите на Манчестер Јунајтед забележаа гостинска победа над Барнли со 2:0, а за одбележување е што по подолго време со гол во победата учествуваше најдобриот стрелец во историјата на клубот Вејн Руни.

Манчестер Јунајтед победи со головите на Антони Мартиал во 21 и Вејн Руни во 39 минута.

За 31-годишниот Руни, кој е најдобриот стрелец во историјата на „црвените ѓаволи“, ова е само вториот меч кој го започна во првата постава на екипата во 2017 година, и само трет првенствен погодок сезонава. Руни за Јунајтед постигнал досега 251 гол, а зад него легендарниот Боби Чарлтон со 249 голови.

Манчестер Јунајтед, кој сега е на петтото место, има бод помалку од градскиот ривал четвртопласираниот Манчестер Сити, а во четврток на стадионот на „граѓаните“ ќе го одиграат меѓусебниот дуел, заостанат натпревар од 26-то коло.

Ливерпул неочекувано пред своите навивачи беше поразен од Кристал Палас со 1:2. „Редсите“ поведоа во 24 минута преку Филипе Коутињо, а израмни Кристијан Бентеке во 42 минута, а истиот играч во 74 минута го постави конечниот резултат.

Ливерпул остана на третата позиција на табелата со 66 бодови, но е единствената екипа од водечката петорка којашто ги има одиграно сите 34 натпревари. И водечкиот Челзи (75 бодови), и второпласираниот Тотенхем (71 бод), како и двата клуба од Манчестер кои се зад Ливерпул имаат по два натпревара помалку.