Манчестер Сити со низа рекорди ја освои тројната круна во Англија

По освоените шампионски титули во националното првенство и во Лига купот, фудбалерите на Манчестер Сити во саботата го освоија и најстарото фудбалско натпреварување во светот – англскиот ФА куп, со што станаа првиот клуб во историјата кои ја освоил тројната круна во Англија.

Досега ниеден англиски клуб не успеал во иста сезона да ги обедини титулите во првенството, Лига купот и ФА купот.

Во финалниот дуел одигран на лондонски „Вембли“, Манчестер Сити дури со 6:0 го победи Вотфорд, со што ја оствари втората најубедлива победа во финалните двобои од ФА купот кое првпат е одржано во 1872 година. Со идентичен резултат Бари го совладал Дерби Каунтри пред повеќе од еден век, во финалето одиграно во 1903 година.

Манчестер Сити, воедно, е и првиот клуб од најелитното фудбалско англиско натпреварување кој во една сезона во сите натпреварувања постигнал дури 50 победи.

Најдобар играч на натпреварот беше Рахијм Стерлинг кој постигна три гола, во 38, 81 и 87 минута а впиша и една асистенција, а одлчна претстава имаше и Габриел Жезус кој беше стрелец во 68 минута а впиша и две асистенции. Меѓу стрелците се запишаа и Давид Силва во 26 и Кевин де Брујне во 61 минута.

Стерлинг така стана само четвртиот фудбалер во историјата на ФА купот кој во финалето постигнал три гола. Пред него тоа им успеа на Вилјем Тоунли од Блекбурн во 1890 година, Џими Логан за Нот Каунти во 1894-та и на Стен Мортенсен за Блекпул во 1953 година.

За Манчестер Сити ова беше шестата титула во ФА купот, а прва по 2011 година, додека за Вотфорд ова беше второто финале и вториот пораз. Првпат до финалето стасаа во 1984 година кога беа совладани од Евертон.

Најмногу титули победник на ФА купот имаат Арсенал – 13, и Манчестер Јунајтед – 12.