Манчевски: На 24 април нема можност за фер и демократски избори

Потпретседателот на СДСМ Дамјан Манчевски при денешната посета на Прилеп изјави дека за СДСМ на 24 април нема можност за фер и демократски избори. Кога ќе се создадат услови, нагласи, следниот ден може да има.

– Услови за фер и демократски избори на 24 април, за жал нема и тоа не може да се постигне физички. Ние сме подготвени за фер и демократски избори следниот ден кога ќе заврши пречистувањето на избирачкиот список и ќе се постигне договор за реформа во медиумскиот сектор. Во Македонија, кога и да се одржат изборите, ќе бидат фер и демократски. А ако се фер и демократски, ќе бидат мирни, изјави Манчевски.
Одговарајќи на новинарско прашање за последните мерки на СЈО, потпретседателот на СДСМ рече дека не ги коментираат одлуките на обвинителството, ниту на судот, а очекуваат партиите да ја поддржат работата на СЈО.
– Ние целосно ја поддржуваме работата на Специјалното јавно обвинителство. Ги повикуваме сите останати политички партии и чинители во општеството, да се држат до договорот и да ја поддржат работата на специјалното јавно обвинителство кое се формираше со поддршка и консензус на сите четири политички партии. Што се однесува до конкретните мерки, не ја коментираме работата на обвинителството, ниту пак на судските органи, изјави Манчевски.