Најтрофејниот македонски режисер Милчо Манчевски е добитник на Награда за кариера на меѓународниот филмски фестивал Фантаспорто во Порто, Португалија.
Манчевски дојде во Порто од Њујорк за лично да ја прими наградата, а во негова чест на фестивалот се прикажа и ретроспектива со неговите филмови „Прашина“, „Сенки“ и „Мајки“.
Посебна почест Фантаспорто му укажа на неговиот филм „Пред дождот“ со кој изминатиот викенд беше свечено затворено годинашното 36 издание на фестивалот, со што овој филмски класик повторно го стави во центарот на вниманието и по 22 години од создавањето.
Фестивалот Фантаспорто што веќе 36 години се одржува во градот Порто, е најголем во Португалија и од страна на холивудското филмско списание „Вараети“ е вброено меѓу 25-те најразновидни во светот според својата уникатна комбинација на филм и други уметнички форми. На фестивалот, што годишно има над 110.000 гледачи, се прикажани филмови од најпознатите светски режисери, а меѓу досегашните добитинци на наградата за кариера се на пример и Дени Бојл, Гилјермо дел Торо, Вим Вендерс, Пол Шредер, Сергеј Параџанов, Маноел де Оливеира и други.
Ретроспективата на Манчевски во Португалија доаѓа по минатогодишните во Бразил и Канада. Португалија е меѓу бројните земји каде филмските дела на Манчевски се популарни и почитувани.
Филмовите на Манчевски се предаваат на стотици универзитети во светот, а во Италија „Пред дождот“ е дел од обавезната наставна програма во средните училишта. Неговите филмови се обработуваат во бројни есеи, книги и филмски енциклопедии; прикажани се на над 200 фестивали, но и во над 50 земји на сите континенти во редовна кино-дистрибуција и на ТВ програмата.
„Пред дождот“, кој е најтрофеен македонски филм, е вброен во 1.000 најдобри филмови во историјата од страна на Њујорк тајмс и има освоено над 30 меѓународни награди, меѓу кои и Златниот лав, Номинација за Оскар, ФИПРЕСЦИ, Давид ди Донатело, Сребрен кондор, награда на УНЕСКО, итн. Во САД, реномираната „Крајтерион колекција“ го издаде видеото од филмот во едиција со Бергман, Антониони, Тарковски, Бресон, итн.