Четирикратниот англиски шампион Манчестер Сити во средата ја потврди тешката повреда на коленото на својот шпански одбранбен играч за врска Родри, кој би требало да паузира неколку месеци.
„Манчестер Сити може да потврди дека Родри заработи повреда на лигаментите на десното колено. Фудбалерот од средниот ред отпатува во Шпанија оваа седмица за да побара специјалистичка консултација, по првичните тестови во Манчестер. Проценката е во тек за да се утврди целосниот обем на повредата и очекуваната прогноза“, се вели во соопштението на Сити.
Родри ги повреди „лигаментите на десното колено“ на натпреварот против Арсенал (2:2) во неделата. Овој тип повреда најчесто резултира со отсуство од неколку месеци, а некои британски медиуми дури пишуваат дека сезоната за 28-годишниот Шпанец веќе е завршена.
Шпанскиот интернационалец минатата седмица го осуди зголемувањето на бројот на натпревари по сезона поради последиците по здравјето на играчите, но и врз квалитетот на играта.
„Сегашниот распоред, според мое скромно мислење, е премногу. Мораме да се грижиме за себе, ние сме главни ликови на овој спорт, или на овој бизнис, како и да го наречете“, објасни Родри, па дури спомна и можност за штрајк на играчи.
Неговото продолжено отсуство е удар за Манчестер Сити.
Родри, кој постигна гол во финалето на Лигата на шампионите во 2023 година, загуби само еден од неговите последни 84 натпревари за клубот и репрезентацијата.
Од неговото доаѓање во 2019 година, Манчестер Сити загубил само 11 отсто од 260 натпревари на кои Родри играл, според статистичарите
Минатата сезона Сити загуби четири од петте натпревари одиграни без поранешниот играч на Атлетико Мадрид, што не ја вклучува и елиминацијата од Реал Мадрид на пенали во четвртфиналето на европскиот куп.
Шпанскиот фудбалер минатата сезона одигра вкупно 50 натпревари за клубот и осум за репрезентацијата со која ја освои титулата европски шампиони.
За време на финалето во Берлин, Родри заработи повреда на мускулот, проблем поради кој го пропушти почетокот на сезоната со Манчестер Сити. Против Арсенал во неделата стартуваше првпат по продолжувањето на шампионатот.
Во негово отсуство, тренерот Пеп Гвардиола може да смета на хрватскиот репрезентативец Матео Ковачиќ, Илкај Гундоган и Рико Луис.