Убедлива победа од 6:0 во првиот полуфинален натпревар од англискиот Лига Куп, против екипата на Вест Хем, забележа најбогатиот клуб на Островот, Манчестер Сити.
Хет-трик постигна шпанскиот интернационалец Алваро Негредо, двапати во листата на стрелци се запиша репрезентативецот на БиХ, Един Џеко, а прекрасен погодок постигна искусниот играч за врска, Јаја Туре.
“Одличен резултат. Точно дека има уште еден натпревар и точно дека нема ништо сигурно до последниот судиски свиреж, но мислам дека веќе сега, со една нога сме дел од финалниот натпревар. Не му дозволивме на противникот да одигра ниту еден контра напад. Постигнавме шест погодоци, но најважно од се е дека не примивме ниту еден. Можевме да победиме уште поубедливо. Сакам вака да одиграме и на реванш дуелот во Лондон”, изјави менаџерот на “граѓаните”, Мануел Пелегрини.