Фудбалерите на Манчестер Сити се новите светски клупски шампиони откако во финалниот натпревар во саудискиот град Џеда го победија бразилскиот Флуминенсе со 4:0 (2:0).
Тоа беше прво финале на клупското светско првенство за двата клуба, а Сити рутински го освои петтиот трофеј годинава по титулата шампион на Англија и ФА купот, освојувачот на евроспката Лига на шампионите и Суперкупот на Европа.
Головите за „граѓаните“ ги постигнаа Хулијан Алварез (1, 88), Нињо (автогол 27) и Фил Фоден (72).
Со оваа победа Манчестер Сити ја продолжи доминацијата на европските клубови кои имаат освоено 11 последователни титули, а последен неевропски победник беше бразилски Коринтијанс во 2012 година.
„Граѓаните“ станаа четвртиот англиски клуб кој стаса до круната за најдобар клуб во светот, а рекордер е Реал Мадрид со пет титули. Истовремено, ова беше најубедливата победа во финалето по 2011 година кога Барселона со идентични 4:0 го совлада, исто така, бразилски Сантос.
Сити брилијантно го отвори натпреварот, поведе веќе во 43. секунда со голот на Хулијан Алварез, што е најбрзиот гол во финалето на ова натпреварување. Нејтан Аке извонредно шутираше од повеќе од 25 метри, погодувајќи ја стативата, а Алварез ја втурна одбиената топка во голот. Во 27. минута Англичаните постигнаа втор гол. Фоден нафрли во шеснаесетникот од левата страна, Нињо се обиде да блокира, но несмасно ја турна топката во сопствената мрежа.
Во продолжението од натпреварот видовме уште два гола. Во 72. минута Ковачиќ ја освои топката испрачајќи ја по крилната страна до Алварез, кој на втората статива одлично асистираше до Фоден кому не му беше тешко да погоди за 3:0. Конечните 4;0 ги постави Алварез во 88. минута, заокружувајќи го одличното издание со два гола и асистенција.
Во натпреварот за третото место фудбалерите на египетскиот Ал Ахли ја победија јапонска Урава Ред Дајмондс со 4:2 (2:1).
Освојувачот на африканската Лига на шампиони поведе во 19. минута со голот на Јасер Ибрахим, а Јужноафриканецот Перси Тау само шест минути подоцна го удвои водството на Ал Ахли. Во 43. минута, напаѓачот од Гвинеја, Хозе Канте, ја намали негативата на јапонскиот тим, а во 54. минута Данецот Александер Шолц со гол од пенал израмни на 2:2.
Египќаните повторно поведоа во 60. минута кога Али Маалул ја испрати топката во шеснаесетникот на јапонскиот тим, а Јошио Коизуми ја подметна ногата и ја промени нејзината траекторија. Ал Ахли можеше да го реши прашањето на победникот во 75. минута, но Маалул изведе лош пенал и јапонскиот голман дури успеа да ја фати топката. Тоа што го промаши од 11 метри, Али Маалул го надополни во деветтата минута од судиското продолжение кога погоди од слободен удар од дваесетина метри за конечни 4-2.
Така Ал Ахли по третпат го освои третото место на последните четири изданија на овој турнир.