Манчестер Сити рутински до финалето на ФА Купот

Фудбалерите на Манчестер Сити изборија пласман во финалето на англискиот ФА Куп,, откако во првиот полуфинален дуел на лондонски „Вембли“ со 3:0 го совладаа второлигашот Шефилд Јунајтед.

Натпреварот мина во знакот на Ријад Марез кој ги постигна сите три погодоци. Алжирскиот напаѓач во 43 минута погоди од пенал, а потоа беше ефикасен од игра во 61 и 66 минути за да го затвори мечот.

Последен играч кој во полуфинале на ФА Купот постигнел три гола бил Алекс Даусон во далечната 1958 година во победата на Манчестер Јунајтед над Фулам од 5:3.

Манчестер Сити го избори своето 12-то финале во најстарото клупско натпреварување на светот, а досега шест пати славеше во ФА Купот, последниот пат во 2019 година.

Во вториот полуфинален натпревар во недела се среќаваат Брајтон енд Хоув Албион и Манчестер Јунајтед.