На „граѓаните“ им беа потребни само пет минути за да ја затресат мрежата на Давид Де Хеа, а стрелец на голот беше Кевин Де Брајне (1-0). Јунајтед одговори соодветно на тоа, па преку Џејдон Санчо во 22. минута погоди во мрежата на Едерсон и така израмни на 1-1.
Четата на Пеп Гвардиола продолжи со притисокот кон голот на градскиот ривал, а Де Брајне налета на една одбиена топка и го постигна вториот погодок (2-1).
До крајот на првите 45 минути имаше уште неколку големи шанси, при што двапати посериозно се закани Сити преку Фоден и Марез, додека Санчо се обиде да израмни, но неговиот удар заврши над голот на противникот.
Голема борба се водеше и во второто полувреме, а во 68. минута Де Брајне изведе корнер, по што Марез пронајде доволно простор и го матираше Де Хеа за предност од 3-1. Јунајтед не успеа да ја врати резултатската неизвесност, па до крајот на дуелот мораше да се брани од налетите на ривалот, кој го постигна и четвртиот гол преку ѕвездата од Алжир.
Манчестер сити со денешната победа има 69 бодови, односно шест повеќе од Ливерпул, трет е Челси со 53, а на четвртата позиција се наоѓа Арсенал со 48.