Манчестер Јунајтед изгледа како тим на странци

Поранешниот фудбалер на Манчестер Јунајтед, Пол Сколс ја критикуваше играта на Манчестер Јунајтед по вчерашната минимална победа над белградски Партизан во рамките на Лига Европа.

Јунајтед славеше на гостувањето кај Партизан со минимални 1:0, а единствениот гол на натпреварот го постигна Марсијал од белата точка. Од друга страна, Партизан играше одлично, а српската екипа веројатно беше оштетена и за пенал.

„После ремито со Ливерпул сите малку се охрабривме, но потоа ќе го погледнете овој натпревар и ќе сфатите дека се е исто како на почетокот од сезоната. Како во тимот да има странци, како никогаш да не играле заедно. Не постои никаква врска помеѓу играчите за врска и напаѓачите. И во одбраната изгледаше лошо“, изјави Сколс.

Екипата на Манчестер Јунајтед сега е на првото место во групата „Л“ со седум освоени бодови, а следуваат АЗ Алкмар со пет, Партизан со четири и на дното на табелата е Астана без бодови.