Досегашниот министер за информатичко општество и јавна администрација и потпретседател на СДСМ Дамјан Манчевски, верува дека денеска или утре ќе биде поднесен предлогот за влада и брзо ќе биде изгласана новата влада, така што најдоцна следната недела ќе имаме функционална извршна власт.
Во однос на изборот на собраниските комисии и тела, Манчевски, рече дека очекува веќе на следната собраниска седница тие работи да бидат завршени.
„Можеме да кажеме дека во септември ќе имаме целосно функционален систем, и од извршна и од законодавна власт и таму ќе се соочуваме со предизвикот за онлајн работење, онлајн одлучување, дигитализација и слично. Во Собранието веќе работат на платформа на која и пратениците ќе може да работат и одлучуваат и од дома или од нивните канцеларии, што исто така е голем предизвик. Работат службите на ова и верувам не подоцна од крајот на септември ќе биде и тоа овозможено“, изјави Манчевски, кој денеска учествуваше на неформална заедничка средба со пратеникот во Собранието и меѓународен секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Тимчо Муцунски и Бојан Кордалов, специјалист за односи со јавност и координатор на Програмата за транспарентност и дигитализација на ИДУЕП.
Владата, посочи Манчевски, и сега работи онлајн и тие измени на деловникот се донесени одамна.
Прашан за слабото парламентарно мнозинство и како тоа ќе работи, Манчевски рече дека тоа не е битно, иако претходната влада имала уште послабо мнозинство, но сепак стигнала до 80.
„Битни се политиките и она што го предлагаме и нормално градење на политички консензус околу некои теми, а ако може и околу сите, е клучно. Умешноста на водењето политика е да се добие што поголема поддршка. Ако нашите предлози се од општа корист за сите граѓани и делови на општеството, не гледам зошто некој би имал против“, изјави Манечсвки.
Тој, исто така, изрази надеж дека влегуваме во еден посмирен период за нашата политика, каде се решени поголемите проблеми и прашања кои предизвикуваа поделби меѓу граѓаните и дека сега сите сме насочени кон секојдневните прашања каде не гледа многу простор за жестока дебата.
Во однос на новото парламентарно мнозинство, Тимчо Муцунски од ВМРО-ДПМНЕ рече дека практично станува збор за истата коалиција што владееше во последните три години и дека е неблагодарно да се дава предвидување за тоа колку ќе трае.
„Едноставно, граѓаните треба да видат дали таа коалиција ги реализирала очекувањата од претходниот тригодишен мандат и тоа самото по себе ќе им даде одговор какви очекувања треба да имаат за истата влада. Јас мислам дека нема да има висока реализација на очекувањата. Нестабилното парламентарно мнозинство ќе значи дека на многу повисок степен ќе биде дневната политизација, отколку решавањето на тековните проблеми“, изјави Муцунски.
Прашањето, посочи тој, е што ќе се направи и како ќе се позиционира во решавање на суштинските проблеми на нашите граѓани.