Манчини: Момците беа фантастични – во пеналите секогаш е потребна и малку среќа

Селекторот на новиот европски шампион Роберто Манчини е горд на своите фудбалери по триумфот на ЕП.

„Азурите“ вчера станаа европски шампионин откако ја совладаа Англија по подобро изведување на пенали. „Гордиот Албион“ поведе уште во втората минута со голот на Лук Шо, а Леонардо Бонучи погоди за Италија во 67 минута. Во продолженијата немаше голови по што одлуката за победникот мораше да падне во пенал рулетот. Во него, херој на Италијанците беше голманот Џанлуиџи Донарума кој одбрани два пенали, на Санчо и на Сака.

– Момците беа фантастични, немам зборови. Знаевме дека ќе биде тешко, рано примивме гол и се мачевме на почетокот, но во продолжението од натпреварот ние доминиравме. Во пенал серијата е потреба и среќа… Малку ми е жал за Англија бидејќи и нејзините фудбалери имаа одичен турнир – изјави Манчини кој не можеше да ги сокрие солзите по победата.

– Ме преплавија емоциите. И тоа посебно кога ги гледав момците како слават, исто е и со навивачите на трибините. Тогаш видов што успеавме да создадеме, благодарение на напорна работа во последните три години, а посебно во последните 50 дена.
Ова е втора европска титула за Италија, првата ја освои пред 53 години.